Веста дека „Осогово“ од следната сезона повторно ќе се натпреварува во Третата Лига – Исток предизвика различни реакции во „градот на оризот“.  Оние вистинските вљубеници во клубот уште не веруваат во она што го слушнаа или прочитаа а другите кои со години го користат клубот за лични афирмации и егзистенција, со зборови тагуваа, со срце се радуваа. А ги има многу и едните и другите.

А дали се требаше вака да излезе?

Кога пред една година клубот по петгодишна пауза се врати во второлигашкото друштво се ковеа планови за конечно негово стабилизирање и отпочнување една нова ера на фудбалот во Кочани. За жал, со почетокот на подготовките сето тоа се покажа како обична илузија. „Осогово“ во подготвителниот период не сакаше да ангажира ниту еден играч кој заедно со „староседелците“ доста ќе помогнеше во стабилизацијата на клубот. Иако беа доведени неколку квалитетни играчи не се ангажира ниту еден со образложение дека се нема доволно финансиски средства иако општината само во минатата година според информациите од јавен карактер за „Осогово“ издвоила 1.220.000,00 денари.

Токму немањето играчи што ќе ја освежеа екипата се покажа како погрешен потег. Иако „жетварите“ добро го отворија првенството и во првите три кола освоија 6 бода, преморот на играчите и немањето соодветни замени допринесе да единаесеттото коло се заврши со неверојатни само 7 (седум) освоени бодови и лоша гол разлика 09:29 со што беше запалено „црвеното светло“.

Дојде до промена во сите структури во клубот. „Осогово“ доби нов Управен одбор и нов Стручен штаб. Младите сили со голем елан се зафатија за работа внесоа неколку новини кои подоцна покажаа дека се исправни за што сведочеше враќањето на публиката на трибините, сепак се чини токму дека понесени од желбата нешто големо да направат ја направија и најголемата грешка која не приличи на клуб со традиција.

Наместо да седнат и преку разговор да го решат проблемот тие преку СМС порака ги известија: Лазаров, Натков, Благојчо Коцев, Данев, Стојков, Ѓеоргиевски, Бојажиев, Максимов, Данилов, дека незадоволни од нивните настапи во есенскиот дел на сезоната не сметаат повеќе во клубот на нивните услуги и дека можат да си ги побараат документите и да си побараат нова средина.

Во замена за нив се донесоа осум играчи од страна кои не да немаа квалитет, едноставно за краток период не можеа да се воиграат.

„Осогово“ со новите луѓе во клубот освои 12 бода што се покажаа како недоволни за зачувување на второлигашкиот статус.

И сега малку е несериозно кога едните на другите си ја префрлаат вината. Главни виновници им се допаѓало некому или не, се сите инволвирани во клубот од почетокот па до завршувањето на првенството.

Иако „Осогово“ е испаднато од Втората Лига – Исток, сепак кај челните луѓе постои надеж дека „Комисијата за лиценцирање“ нема да ја повтори грешката од минатото првенство со „Хоризонт Турново“ и ќе донесе правилни одлуки. Но тоа за добрите познавачи на фудбалските прилики во државата е за рубриката „Верувале или не“.

После сите овие турбуленции што се случија мината сезона и не е срамно „Осогово“ да се натпреварува во третата лига.

Потребно е само со здрав разум да се погледне реалноста, да се создаде екипа која успешно ќе се натпреварува во третата лига а со тоа нема да се дозволи згаснување на клубот бидејќи традицијата тешко се зачувува а лесно може да се загуби.

Нека „Осогово“ продолжи да чекори напред.

С. Ивановски

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари