Коментарот на ФБ „Спасен детски живот не е само привилегија на лекар! Херој на денот е Драган Апостолов“ поставен од д-р Надица Јосифова го привлече моето внимание, па понесен од мојата радозналост отидов малку подалеку, се со цела да разберам која е поентата на оваа прекрасна реченица.

Стигнав токму до Драган Апостолов мој сограѓанин, професионално вработен во Територијалната Противпожарна Единица во Кочани.

„Поради високите температури решив вчерашниот ден со моите деца да го поминам на базенот. И додека ја бришев ќерката по капењето некаде околу 13:30 часот слушнав повици за помош, викаа дека некое дете се дави. Јас заедно со спасителите веднаш се стрчавме и тогаш видов дете на околу десет години како ниту плива, ниту дава некакви знаци, а главата му беше под водата. Пред да скокнам еден друг посетител го извади и го стави на бетонот околу базенот. Детето не даваше знаци на живот. Почнав да му давам масажа на срцето и да му давам вештачко дишење но забележав дека не прима воздух. Сфатив дека си го проголтал јазикот, едвај успеав да му ја отворам устата и да му го извлечам јазикот за да по кратко време на мое големо задоволство слушнам некакво кркорење што ми даде голема надеж дека почнал да прима воздух. Го легнав на страната и тој поврати поголема количина на вода и почна да дише нормално. Иако ме болеа прстите од отворањето на неговата уста по некоја минута почнавме мала конверзација. Бидејќи детето делуваше уплашено го гушнав и почнав да го прашувам кој е и од каде е. Целта ми беше да го одржувам така се додека не дојде медицинска екипа од Брзата помош која беше веднаш повикана. Го симнав на раце долу на лежалките а медицинските лица го презедоа и однесоа во болница. На враќање дома отидов во болницата за да прашам како е детето. Ми беше кажано дека повратил уште еден леген вода, дека му е дадена инфузија и дека ќе биде задржан некој ден во болницата. Ми олесни на душата иако уште ми трепереше снагата од страв“ ни раскажа херојот на денот Драган Апостолов.

И што да се напише повеќе после еден ваков потег на млад човек, освен едно големо „СЕКОЈА  ЧЕСТ  ДРАГАНЧО“.

Херојот не само на денот, туку и на годината Драган Апостолов ја покажа својата голема хуманост, она што го има научено за постапувањето во вакви случаи го примени онака како што треба, спаси детски живот и како што напиша докторката нешто што не е привилегија само на лекарите.

Гордост е да се познаваат и да се живее во средина со вакви луѓе.

Секоја чест Драган Апостолов.

С. Ивановски

DSCN9035

DSCN9900

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари