Досега превозот на учениците е реализиран по енормно високи цени, а се наплаќале виртуелни услуги. Ова го посочува градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев, кој укажува на потреба од промена на критериумите во јавната набавка за оваа услуга.

„Нашите анализи покажаа дека на превозникот му биле плаќани неколкукратно поголеми од нормалните цени за превоз. Ова е податок кој нас нѐ загрижува и навистина треба час поскоро да го решиме. Оттаму, мојот апел до директорите на училиштата е дека мора да ги смениме критериумите за оваа јавна набавка. Еден од главните услови треба да биде пазарната цена како појдовна за избор на најповолен понудувач за превоз на учениците. Втората значајна заложба е да плаќаме реална услуга, услуга која ја добиваме, а не услуга која е замислена“ вели градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев.

Според првичните пресметки на училиштата, при превоз по пазарни цени, за една учебна година ќе бидат заштедени над 10 милиони денари.

Илијев предлага начини со кои може да се води уредна евиденција на учениците што ќе се превезуваат.

„Мора да се изнајде решение како ќе го плаќаме реално направениот трошок, односно за секој ученик што го користи овој превоз – да биде платен, а оној што не го користи да не се плаќа. Средствата кои ќе бидат заштедени од овој потег нема да бидат симболични и мали, туку прилично големи. Тоа ќе бидат средства кои ќе помогнат да ги решиме проблемите во училиштата, овде пред сѐ е решавањето на санитарните јазли кои се во очајна состојба, за што добиваме критики и забелешки и од надлежните инспекциски органи, проблем кој навистина мора час побргу да биде решен“ додава Илијев.

Прашањето за превозот на учениците е разгледувано и на шестата седница на Управниот одбор на ЗЕЛС, на која пред министерот за образование Арбер Адеми e изнесена потребата од итно донесување Правилник за превоз на учениците во основното и во средното образование.

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари