Деновиве луѓе блиски на клубот ја лиферувале веста дека настапот на „Осогово“ во пролетниот дел од првенството го чинела околу два милиони денари, или поточно 1.976.000,00 денари, средства од кои поголемиот дел се од извори кои ги „ископала“ управата на клубот а од Локалната самоуправа што не е никаква тајна биле потрошени само 820.000,00 денари, од кои 800.000,00 денари за тековни активности и 20.000,00 денари одржување на традиционалниот Меморијален фудбалски турнир „Драганица Куп“.

Останатите 1.156.000,00 денари се на име спонзорства, реклами, приходи од продадени влезници и реквизити.

Ако се знае дека во пролетниот дел во редовите на „жетварите“ играа неколку играчи од страна на кои требаше да им се обезбеди, сместување и храна, а заедно со домашните и плата и премии можеби и сумата е реална.

Ако за некого тоа се реални средства за други пак е премногу бидејќи како што наведуваат „Осогово“ имало мало бодовно салдо пред почетокот на пролетната сезона и влегувањето во ваква авантура не било исплатливо.

Сакал некој да признае или не, доведувањево на неколку нови играчи во пролетниот дел од првенството значеше мамец за публиката, што и се потврди со голема посетеност на сите натпревари. Клубот организационо беше на повисоко ниво од претходните години, играчите и сите во клубот делуваа како едно хармонично семејство, а сето тоа си имаше и своја цена.

Сепак постарите велат: „Каде се работи, таму и се греши“.

Новите луѓе што го презедоа раководењето направија и една голема грешка која скапо ги чинеше. Од есенскиот состав се избркаа голем број на играчи, се доведоа нови да помогнат и таа „помош“ за четири месеци ја даде конечната цена.

Но тоа е веќе минато, а од минатото никој не живее. Иднината е пред нас, и сакале или не, сите оние чие срце чука за „Осогово“ ќе мора да се свртат на настапите во Третата фудбалска лига.

Според штурите информации од клубот, засега на „Осогово“ му има пристапено само Ѓорѓи Јовановски кој на голманското место доаѓа од Победа (Прилеп) и малку чудно за наши прилики за Шеф на стручниот штаб е поставен Александар Андов кој нема некоја кој знае каква самостојна кариера. Кој пак заминал е мала тајна.

Како и со кои играчи „Осогово“ ќе настапи во Третата фудбалска лига – Исток засега никој не може потврди, но подготовките почнуваат на 03 Август кога многу непознати ќе бидат познати.

С. Ивановски

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари