Општина Кочани ја започна постапката за изработка на локална урбанистичко-планска документација со намена за домување во станбени куќи, по чија изградба се планира да бидат дислоцирани дваесетината семејства, жители на Старата касарна.

„Се работи на нов потег, надвор од Генералниот урбанистички план. Парцелата со површина од 2,96 ха е земјиште на Република Македонија, што се наоѓа на северниот дел на Кочани, источно од Фабриката за вода. Во планскиот опфат се планираат најмалку 20 градежни парцели“ соопшти одговорното лице за водење на постапката, Марија Салтирова Јовановска.

Министерот без ресор задолжен за имплеметација на Стратегијата за ромски прашања, Аксел Ахмедовски вчера го посети Кочани, за да се запознае со тековните инфраструктурни активности што се финансираат со средства од ова министерство и со подготвителните работи за надминување на проблемот со Старата касарна. И за централната и за локалната власт, решавањето на ова прашање е со приоритет.

„На проблемот со нелегалното вселување во Старата касарна му даваме посебно внимание и за него бараме долгорочно решение. Од тие причини во соработка со Владата односно со министерот без ресор задолжен за ромски прашања, настојуваме да дејствуваме брзо и координирано. Откако ќе биде изработена и техничката односно проектната документација, ќе ја поднесеме апликацијата за финансирање на овој проект во Министерството за имплеметација на Стратегијата за ромски прашања, од каде очекуваме финансиска поддршка и реализација на овој проект, вели градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев.

Неодамна, во официјално излагање пред јавноста градоначалникот Илијев поаѓајќи од долгогодишниот проблем со дивото вселување во Старата касарна и узурпацијата на градежното земјиште го отвори прашањето за владеењето на правото и повика граѓаните да го почитуваат законот за да може Кочани да биде пристојно место за живеење.

DSC_0032 (Copy)

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари