Како што известува „Канал 8“, во Кочани во тек е постапка за враќање на името на поранешната улица “Маршал Тито“, за што иницијатива до Советот поднело Здружението на граѓани “Јосип Броз Тито“.

Во образложението на иницијативата е наведено дека со нејзиното прифаќање ќе се исправи неправдата што е направена пред неколку години, кога без поголема кампања и консултирање на ставот на граѓаните, била донесена еднострана одлука за промена на називот на улицата.

Од Локалната самоуправа на Кочани потврдија дека слично писмено барање испратила и советничката група на СДСМ, а со оглед на законската обврска, била побарана согласност од Владата од каде е добиен позитивен одговор.

Од стручните служби во Општина Кочани додадоа дека за во петок е закажана координација на претставниците на советничките групи на која ќе се утврдуваат точките за дневниот ред на наредната седница на Советот. Меѓу предлозите е вметната и иницијативата за враќање на името на една од главните градски улици во Кочани.

„Нема овојпат да се колеба Советот во однос на правилната одлука што треба да ја донесе, бидејќи тоа е во интерес на граѓаните. Ако тие се наши претставници таму, треба да слушаат, а најголем дел од граѓаните реагираа, но вака, интимно, во меѓусебни разговори, не на друг начин, со протест или како било. И сега, кои се тие што таму ќе речат “не“ после сета оваа процедура што треба да биде како што е ред“, рече Трајан Трендов, претседател на Здружението „Јосип Брз Тито“.

На почетокот од оваа година Комисијата за култура, образование и спорт на Општина Кочани ја разгледуваше предлог листата за именување на десет улици, при што беше прифатен предлогот две од нив да ги добијат имињата на поранешните претседатели на Република Македнија, Киро Глигоров и на поранешна СФРЈ, Јосип Броз Тито.

Инаку, името на улицата „Маршал Тито“ во Кочани беше променето во „ВМРО“ пред четири години, за што одлука донесе тогашното мнозинство во Советот на Општината.

P3660204

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари