Театарската претстава „Солун, град на духови“ работена според текстот на Русомир Богдановски, а во режија на Слободан Унковски а која вечерва беше прикажана на „Споменикот на слободата“ предизвика голем интерес посебно кај младата популација во „градот на оризот“.
Голем број на љубители на театарот вечерва се качија на „Споменикот на слободата“ и скалите ги исполнија до последното место.
По долги години ова е прва претстава што се прикажува на отворен простор па затоа можеби и многумина од љубопитност дојдоа да ја видат. Дојдоа но воопшто не зажалија бидејќи присуствуваа на една прекрасна изведба на актерите од „Театар на Навигаторот Цветко“ од Скопје проследена со прекрасната музика на Златко Ориѓански.
Добро е што изминатите денови со години запоставениот „Споменик на слободата“ беше место каде се одиграа неколку културни настани. Големата посетеност можеби ќе значи добар патоказ каде и како треба да се организираат вакви и слични манифестација.
Вечерашниот културен настан е подржан од Министерството за култура на Република Македонија и на Музејот на холокаустот на Евреите во Македонија, како и од Општина Кочани и Фондацијата „Фридрих Еберт“ од Скопје.
С. Ивановски
Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.