Откако „мајката“ си ги згрижи убаво своите „дечиња“ а „внучињата“ научени да бараат само пари за да се најдат, напијат и да си го зголемат буџетот сега и да сака, не може да ги изведе на прав пат па мака мачи како тоа безболно да го направи без да сноси последици.

Така некако би изгледала кратката приказна за ФФМ и нејзините Претседатели на некои Трети лиги како и сите оние околу нив кои на сметка на котизациите на клубовите (собрани пари од нас граѓаните) само си земаат хонорари по разни основи.

Кон крајот на минатата седмица во Кочани (седиштето на Трета лига – Исток) се одржа состанок на клубовите учесници во лигата на кој требаше да се покажат уплатниците од платена котизација 80.000,00 денари плус 9.000,00 паушал за други потреби. Ако не беше масовната посетеност од претставникот на ГФК „Осогово“ и на „Брегалница сениори“ од Делчево состанокот немаше да се одржи. Но како и се досега и со два клуба се одржа а како што дознаваме биле извлечени и двојките за првенството кое треба да стартува на 16 Септември а не како што беше првично одредено на 9 септември.

Досега котизацијата ја платиле само 2 (два) клуба, минатогодишниот второлигаш „Осогово“ и „Работник“ од Лозово која како џокер е кооптирана во лигата иако минатата година не се натпреварувал во ниту една Општинска лига.  Но изминатите две години (откако е седиштето во Кочани) се навикнавме на вакви „искри на мудроста“.

Во целата оваа состојба и не е толку трагично кога и дали ќе започне лигата, со колку клубови кога котизацијата си се знае, толку беше и за 11 клубови, и за 9 а минатата година за 8, од висината на котизацијата отстапување нема ни по која цена.

Епа тогаш како е можно екипите кои партиципираат во Трета лига – Исток и минатата година и оваа да плаќаат по 80.000,00 денари + 9.000,00 денари кога во Трета лига – Југ минатата година за учество на 9 (девет) екипи а оваа година за учество на 7 (седум) екипи котизацијата изнесува само 25.000,00 денари без да има од оние додатните за други потреби.

Очигледно е дека некој или не ги разбира бројките или не му одговара такво нешто, бидејќи желбата за релаксирано живеење на туѓ грб (народот) и други придобивки си го прават своето.

Време е нешто да се промени, но единствено нешто што досега се променило е абдицирањето на клубовите за настап во Трета лига – Исток.

Епа дали таа ќе започне со нивната фиксирана котизација или не одговорот ќе го дадат клубовите, но очигледно е дека ни претстои интересен фудбалски месец Септември.

С. Ивановски

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари