ДГ „Павлина Велјанова“ летниот период го искористи да ги реновира санитарните јазли во клон 2 кај градинката кај Руен или објектот „Ѕвездички“. Со сопствени средства сега се овозможени поголеми услови за престој на децата во градинка а со реновирањето на тоалетите и хигиената ќе биде подигната на повисоко ниво, истакна Едита Миткова, в.д директор на детската градинка во Кочани.

„Во текот на месец август реновиравме четири санитарни простории и со тоа овозможивме хигиената да се зголеми на поголемо ниво. Парични средства за реновирање обезбедивме ние, а општината ни помогна со изработка на проект и надзорно лице кое ни беше на располагање. Успеавме во определниот рок да постигнеме се. Додека се реновираше објектот децата престојуваа во објект 1 и 3, каде беа згрижени и им беше обезбедено се што им беше потребно“, рече Едита Миткова, в.д директор на ДГ „Павлина Велјанова“.

Освен новите две отворени групи во месец мај во градинката кај пазарот и кај Руен, отворена е уште една втора мала група во објектот „Ѕвездички“ што јасно покажува на зголемениот број на деца за престој во градинката.

„Со почеток на новата воспитна година која ќе стартува на 3 септември во објект 2 почнува со работа новата група во која ќе бидат згрижени 20 дечиња. Имаме соодветен воспитувач и неговател кои што ќе се грижат за децата и ние сме подготвени за новата воспитна година. Новата година ја стартуваме со 779 деца што е за 49 деца повеќе од лани, бидејќи освен две нови групи што ги отворивме во месец мај, сега има и уште една новоотворена мала група што ја споменав“, додаде Миткова.

Инаку, Миткова истакна дека градинката, односно сите објекти се максимално подготвени, средени, исчистени за згрижување и воспитување на децата во новата воспитна година што започнува од 3 септември.

За новоотворените групи секако е вработен и нов воспитен кадар кој што работи и ги негува децата.

За понатамошнииот период се најавуваат уште некои одредени реконструкции и обновување на просторите каде што е потребно, додаде Миткова.

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари