Македонско еколошко друштво во соработка со „МТБ Исток“ и СК „Москито“ од Кочани на 23 септември на Осогово ќе го одбележи Денот на Зелениот појас.

На самиот ден ќе се одржи велосипедска тура наречена „По патека на Железната завеса“, која ја следи некогашната Железна завеса, низ предел кој е живописен спој на природата и историјата.

Напладне се планира и заедничка средба на сите учесници на врвот Сокол, каде сите ќе имаат можност за дружење и споделување идеи и размислувања околу иницијативата за прогласување на Осогово за заштитено подрачје. Оваа тура е само една од низата активности за дополнителна промоција на вредностите на Осогово, кои се од национално и европско значење.

На овој собир ќе присуствуваат и дел од градоначалниците во регионот.

Велосипедистите ќе го започнат искачувањето кон врвот Сокол од локалитетот Ајдучка Чешма во недела во 11 часот.

Нашата земја, како дел од иницијативата „Европски зелен појас“, трета година по ред го одбележува овој значаен ден и ја подигнува свеста на граѓаните за богатите предели коишто се дел од Балканскиот зелен појас. Иницијативата „Европски зелен појас“ се стреми кон зачувување на значајните предели во Европа кои се зачувале благодарение на намаленото движење за време на Студената војна.  Еколошката мрежа „Европски зелен појас“ поминува низ 24 европски земји.

Дел од Осоговските Планини во следниот период треба да се прогласат за заштитен предел и со тоа да се зачува биодиверзитетот на ова подрачје, од една страна, и да се подобри животот на локалното население, од друга страна.

IMG_4287

IMG_4321

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари