Три нови мерни станици за борба против климатските промени, се инсталирани во Градско, Кочани и Струмица. Навремените информации за времето се од корист за македонските земјоделци, беше речено на денешната работилница во Градско, на која учествуваа претставници на Агенцијата за поддршка и развој на земјоделството, организации на земјоделци и граѓански организации.

Во организација на ФАО, Управата за хидрометеоролошки работи и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, на средбата беа претставени достигнувањата и идентификувани идните потреби за зајакнување на агрометеоролошкиот сектор.

Нефрус Челику, државен секретар во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, рече дека климатските промени се комплексно и глобално прашање кое предизвикува големо внимание и загриженост во светски рамки. Според него земјоделството е еден од најранливите сектори во економијата во Република Македонија на климатските промени, при што се загрозени главните земјоделски региони и стратешките земјоделски култури. Во последните години, како што додаде, има зачестени временски непогоди кои предизвикаа огромни штети во земјоделството. Загубите се десетици милиони евра. Голем ризик од климатските промени е и појавата на нови болести и штетници.

„Во рамки на Проектот за намалување на негативното влијание од климатските промени поддржан од ФАО, набавивме модерни агрометеоролошки станици, инсталирани во Градско, Кочани и Струмица. Тие ќе бидат раководени од Управата за хидрометеоролошки работи. Информациите ќе бидат достапни до земјоделците преку новоотворената веб страница на УХМР“, информираше Челику.

Задоволство од реализираната проектна компонента  „Јакнење на капацитетите на агрометеоролошкиот сектор како одговор на климатските промени“, кој Управата за хидрометеоролошки работи го спроведе со финансиска и техничка помош од ФАО, изрази и Ивица Тодоровски, директор на УХМР.

„Сите сме свесни дека негативните ефекти од климатските промени се веќе сериозна опасност за земјоделското производство и оттука редовното информирање и системите за рано предупредување се од особено значење во низата мерки што можеме да ги примениме, за намалување на ранливоста на земјоделството од климатските промени“, рече Тодоровски.

Во проектот со цел намалување на ранливоста на земјоделството од климатските промени, имплементиран меѓу 2016 и 2018 година, ФАО даде поддршка на Управата за хидрометеоролошки работи за создавање и дистрибуција на климатски и агрометеоролошки податоци, значајни за земјоделското производство. Новите метеоролошки станици ќе помогнат при собирање важни климатски податоци од секој регион и произведување ажурирани агрометеоролошки информации од важност за локалните производители и изборот на нивните земјоделски практики.

Освен зголемената мрежа за собирање податоци, проектот овозможи поддршка за дигитализација на климатските податоци од последните 20 години за подобра анализа на климатските трендови. Сите податоци се достапни на новоформираната веб страница agrometeo.mk, која ја одржува Управата за хидрометеоролошки работи. Страницата нуди историски податоци за климата, агрометеоролошки аларми, како и фенолошко набљудување и предвидувања кои на земјоделците можат да им помогнат во справување со појавата на штетници, како резултат на климатските промени. Во пилот регионите, навременото и точното информирање има за цел да им помогне на земјоделците да имплементираат соодветни агротехнички мерки, едновремено зачувувајќи ја природната средина.

ФАО, исто така, соработуваше со граѓанскиот сектор во справувањето со недоволната застапеност на климатските промени во македонскиот образовен систем. Почнувајќи од училишната 2018-2019 година, климатските промени се официјално воведени во наставната програма на македонските средни земјоделски училишта.

За да помогнат во поддршката за земјоделците да се адаптираат кон климатските промени, советниците од Агенцијата за поддршка и унапредување на земјоделството беа, исто така обучени во неколку области, вклучително агрометеорологија, контрола на штетници и болести (син јазик и јазлеста кожа), како и мерки за справување со температурни шокови кај стоката.

Благодарност за соработката и задоволство од неа, изрази и Ана Херо, претставник на ФАО. Таа нагласи дека таа соработка ќе продолжи и со други активности од оваа област.

Учесниците разговараат за можноста за натамошно унапредување на агрометеоролошките податоци, според потребите на корисниците и проширување на нивната достапност за земјоделците.

Работилницата ќе заврши со посета на мерната станица во Градско и винаријата Стоби.

ИЗВОР:  МИА

 

 

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари