И „врапчињата знаеја“ дека тивката поделеност во партијата, неисполнувањето на голем дел од ветувањата дадени за време на Локалните избори, поставување на менаџери од минатата власт на витални позиции, и устоличување на ветерани кои како да се „венчани“ за удобните фотелји, се можеби едни од главните причини за намалениот број на гласачи во неделата од редовите на Социјалдемократите.

Кога ќе се погледнат резултатите од Октомври 2017 година и овие од 30 Септември и треба некој да си го постави прашањето: „Каде исчезнаа 1.768 гласови на социјалдемократите“?

За потсетување, на Локалните избори за листата на советници предводена од СДСМ гласаа 10.546 а на Референдумот со ЗА гласаа 8.778 (84,42%) што покажува намалување за 1.768 гласови.

Иако во неделата не се гласаше за партија туку за иднината на државата сепак ваквите споредби и денешните разговори по кулоарите ја наметнаа оваа анализа.

Што и како понатака, времето ќе покаже, но факт е дека по завршувањето на Локалните избори многу нешта не излегоа како што беше ветено. Оние на кои им беа давани ветувања повторно извисија, за сметка на стар кадар кој иако е за пензионирање никако не сака да се откаже од убавините кои ги уживаа и додека беа на власт пред повеќе од девет години.

Време е да се седне и да почне пореално да се гледа на работите. Вината да се бара кај себе а не кај другите. Да се престане да се проверуваат сите дали ќе излезат или не на гласање а своите блиски да се заобиколуваат. Е затоа во неделата бројката на вкупно излезени (10.298) што гласаа ЗА, против и беа воздржани е помала од оние кои Локалните избори што гласаа за листата на Советници предводена од СДСМ.

Нека седнат, нека ги засукаат ракавете, нека направат анализа и нека отворено се запрашаат, зошто токму на вчерашниот ден повеќето нивни членови заминаа на викенд во државите кои се граничат со Македонија, или пак нека се запрашаат зошто голем број од нивните членови викендот го поминаа во другите општини до моментот на затворањето на гласачките кутии.

Прашања се многу, но како што стојат работите тешко некој да сака да даде одговор. Време е да си погледнат во очи и отворено да си кажат што им тежи на душата, бидејќи после Предвремените избори (доколку дојде до нив) ќе биде доцна, ама ептен доцна.

С. Ивановски

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари