Одбројувањето започна, остануваат уште десет дена  до одржувањето на закажаното Вонредно Генерално  Собрание на ОФС Кочани. Иако досега никој не го оспорува неговиот легитимитет, сепак веќе извесен период на големо работат „кујните“ на оние кои да не живееја во Кочани ќе моравме да ги измислиме за да имаме фудбал, во спротивно, такво е нивното мислење дека ако не беа тие „градот на оризот“ ќе останеше без најубавата споредна работа на светот.

Дека сепак нешто се спрема од страна на оние кои мислат дека се венчани за раководните структури во фудбалско Кочани покажуваат активностите што се превземаат во последните неколку денови а сите закажани од Претседателот на Трета Фудбалска Лига – Исток Владо Андов. Како да му беа малку десет години уживање, патување по Европските стадиони и префрлување од една на друга функција а во последните две години и на две функции (освен постојаната Координатор на женските лиги во ФФМ тој е и Претседател на Трета Фудбалска Лига – Исток) а сега од „петни жили“ се бори да стане и Претседател на ОФС Кочани, од кои причини, само тој и неговите што со години се шлепаат со него, си знаат.

Веќе го имаме документот со кој се потврдува дека на негово барање минатата среда беше одржан состанок со Секцијата на фудбалските тренери од Кочани, субјект кој никаде не е регистриран, туку пред 7-8 години е измислен и наметнат за да нивни блиски луѓе тогаш влезат во ОФС Кочани и да доминираат со одлуките што се донесуваа. На средбата неколку точки биле разгледани од дневниот ред од типот дека тренерите треба да си ги продолжат лиценците, да се изнајде девојка која бесплатно ќе го поседува курсот за тренери а како последно точка й да се бојкотира, односно да не се присуствува на Вонредното Генерално Собрание на ОФС – Кочани за да се намалил кворумот.

Ден  по состанокот со тренерите тој закажал средба и со измислените преку ноќ „Спортски работници“ кои исто како и тренерите „влетаа“ во ОФС Кочани за да мнозинството биде уште постабилно.

И за крај иронијата или циркусот да биде поголеми иако неодамна Судискиот актив  при ОФС Кочани избра нов Претседател сепак закажал состанок (втор пат за краток период) и со судиите, кои не потклекнаа на неговото барање, не се појавија на средбата, туку си закажаа свој состанок на кој ја потврдија неодамнешната одлука дека му дават целосна поддршка, односно легитимитет на нивниот Претседател Драганчо Димитровски да присуствува на Вонредното генерално Собрание на ОФС Кочани.

Целта е повеќе од јасна, немајќи никаков излез и страв новите луѓе што ќе влезат  во ОФС Кочани дека можеби ќе побараат ревизија на  неколкугодишното нивно работење, решени се по секоја цена да одат до крај, да се изнајде начин и да се бојкотира Вонредното Генерално Собрание закажано за 21 Октомври, па затоа сега измислуваат нелегитимност на постојани членови, изрекување суспензии на членови на Собранието на ОФС Кочани за кои се сигурни дека нема да застанат на нивна страна и ред други обиди се со цел да кворумот биде што помал и на некој начин да не се одржи закажаното Вонредно Генерално Собрание.

Гласините што се пуштени во фудбалската јавност дека ФФМ нема да даде легитимитет на изборот на новиот Претседател на ОФС Кочани кој ќе биде избран на Вонредното Генерално Собрание се лажни, од причина  што досега целата постапка била сосема законска и некој ако реши да не ја спроведе ќе треба да одговара пред надлежните институции.

Дали истомислениците од ОФС Кочани кои фатија корени во организацијата ќе успеат да соберат доволен број делегати за да го бојкотираат Вонредното Генерално Собрание  на ФС Кочани или делегатите ќе размислуваат со своја глава и по своја волја ќе гласаат, ќе се знае во најкус можен временски рок, а дотогаш трпение, се ќе биде познато за десет дена.

С. Ивановски

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари