НАШЕТО РАБОТЕЊЕ ДАВА РЕЗУЛТАТИ, НО БАРА ТРПЕНИЕ И ПОСВЕТЕНОСТ

25 октомври 2017 година беше првиот работен ден за Николчо Илијев, кандидатот за градоначалник на Кочани, поддржан од коалицијата на СДСМ, кој на Локалните избори оствари победа уште во првиот круг со исклучителна предност пред противкандидатите. По една година „Комарец“ реализира интервју со него, со прашања од надлежност на локалната самоуправа.

Каква е економската состојба на Општина Кочани по една година, ако се знае дека затекнавте многу долгови кога дојдовте на функцијата градоначалник?

Наследивме вкупен долг од 76 милиони, нешто што многу нè загрижуваше. Благодарение на периодот што следуваше во кој немаше јавни набавки што создаваат нови обврски, ја искористивме можноста да ги вратиме долговите и да ги затвориме вентилите од кои се излеваше повеќе одошто е потребно, успеавме со рационализација на трошоците, до крајот на мај, да објавиме дека сме Општина без долгови. Тоа значи за период од 6 – 7 месеци , да ги вратиме обврските по стари, завршени работи и Општината да ја доведеме во една нормала. Останаа и други обврски, особено во делот на образованието, каде долговите беа 43 милиони денари, од кои најголем дел беа по основ на превозот на учениците. Планиравме во 2018 година на превозникот на ученици да вратиме 7 милиони денари, но со новиот начин на распределба на блок отациите во образованието, ние за девет месеци вративме 12 илиони денари. Сега, на сметките на училиштата имаме уште 5 милиони денари, средства кои планираме, со одлука на Советот да биде одобрено враќање на уште 5 милиони, што значи дека до крајот на годината ќе вратиме 17 милиони денари од долгот за школски првоз. Со вакво темпо и начин на работа очекуваме до крајот на идната година долговите на училиштата за превоз да бидат подмирени, а за година и пол и сите долгови што ги имаат училиштата. Патем, она што е карактеристично за мојата работа како градоначалник е дека сите обврски кои ги создаваме, редовно ги измируваме, односно немаме обврски од тековното работење.

P3950263

Со каква динамика досега работите и како планирате да ги решавате инфраструктурните потреби и проблеми на граѓаните?

Во изминативе години граѓаните знаат дека имаше поинтензивна продажба на атрактивни градежни парцели, се градеа објекти за колективно домување, нешто што во овој мандат го имаме многу малку, скоро и да го немаме. Што се случува сега? Сега на пример ја градиме улицата „Вера Которка“ на која има изградено зграда, за која парите за комуналии се платени пред повеќе години. Значи, тие пари се потрошени за нешто друго, а сега обврските остануваат на нас. Ете, ни остануваат обврските и на зградите на улицата „Ленинова“, каде не е решена ни експропријацијата во делот на пристапните улици, ниту пак улиците. Нешто што останува е ние да најдеме начин како да им го обезбедиме на граѓаните она за коешто веќе платиле. Таква е состојбата на многу други места, на пр. Прокарка каде за градежни парцели се наплаќани високи комуналии, дури сега се градат улици со пари од тековниот буџет. Ние ќе се обидеме да работиме поинаку, и наменски да ги трошиме парите, па средствата прибрани од продажба на градежно земјиште или од комуналии да бидат наменети за соодветните инфраструктурни потреби на граѓаните кои платиле за тоа. Дека и досега работиме одговорно и рационално ќе ислустрирам и со следново: со буџетот за 2018 година беше планирано да бидат изградени 11 улици во вредност од 30 милиони денари. Со транспарентноста во јавните набавки и за речиси иста вредност успеавме да направиме 16 улици со должина од 4,5 км нешто што ни дава храброст да кажеме дека поголем дел од потребите и проблемите со кои се соочуваат граѓаните во делот на пристапните патишта и канализацијата во еден мандат можат да бидат надминати.

3G.podlog2-(Copy)DSC_0050-(Copy)-(Copy)

Се соочивте со проблеми во организирањето на јавниот превоз. Како ги надминавте?

Веднаш на почетокот на мандатот ревизијата ми укажа дека јавната бавака за јавниот градски превоз не е во ред, не е правилно изведена и дека има налог да биде поништена. По поништувањето веднаш започна нова постапка, транспаретно и законски, со цена во висина од 20 денари, одобрена од Советот, во која 10 денари плаќа корисникот на превозот, а 10 денари субвенционира Општина Кочани. Но, превозникот кој и досега го вршеше линискиот превоз постави нови услови, цена повисока од предвидената. Нормално, ние не прифативме цена повисока од определената од Советот, поради што јавната набавка беше поништена. И во вториот обид се случи истото, и еве во третиот обид имаме избрано превозник и наскоро очекуваме да започне да функционира јавниот градски превоз. Навистина, граѓаните беа ускратени од можноста да го користат јавниот градски превоз, но ние треба да се однесуваме законски и тоа придонесува за енормно намалување на трошоците.

Имавте сериозни реакции за реализирањето на превозот на учениците, посебно за цените по кои тој се вршеше, поради што многумина го нарекуваа „пералница за пари“. Што се случува сега со превозот на ученици?

Начинот на кој се одвиваше превозот на учениците имаше недостатоци за кои сакавме навреме да бидат отстранети. Ние ги поставиме пазарните цени како услов за реализација на превозот на учениците. Кога одите со ваклов радикален чекор, со неколкупати поголеми цени плаќани во изминатиот период, наидувате на незадоволство. Тој период пробаа да го искористат и одредени политички партии, со цел да кажат дека нема организиран превоз на учениците, што не е точно, туку поентата беше да се сокрие она што било работено во изминатиот период, енормни суми, неколкукратно повисоки од пазарните, нешто што за мене беше неприфатливо. Реагираа и дел од граѓаните, прашуваа зошто нема превоз и кога им објаснував дека треба внимателно да постапуваме со парите на граѓаните, ми велеа: Мене ме интересира превозот, а не парите, нешто што е недопустливо. Значи кога нешто се плаќа со парите од граѓаните, со нив треба рационално да се однесуваме и да има отчетност за потрошеното. Тоа го правиме и ќе го правиме во иднина сè додека сум јас на чело на Општина Кочани. Превозникот правеше топло-ладно, ќе го потпишеме договорот, па нема да го потпишеме, но мојата одлучност дека ќе одиме по пазарни цени и никако поинаку, на крајот не им даде многу простор и договорот е потпишан и превозникот го извршува превозот на учениците, како во основното, така и во средното образование и по тој основ оваа година ќе заштедиме најмалку 9 милиони денари нешто што е незамисливо во минатиот период, пари што ќе бидат искористени за враќање на напластените долгови од минатото. Мислам дека ваквата политика дава резултати, но бара и трпение на граѓаните, затоа што се работи за нивните пари.

Јавно искажавте разочарување од времето што е потребно за урбанистичко обликување на Кочани. Зошто?

Урбанизмот е срцето на една општина. Од него, од планирањето почнува сè. Но, моето разочарување почна оттука, откако рековме дека ќе градиме детска градинка и за тоа зборуваме точно една година. Во Кочани немаше планирано градежна парцела за детска градинка. И ни требаше една година за да го измениме планот. Иако уште на почетокот на мандатот конкуриравме за изградба на детска градинка, на повикот на Министерството за труд и социјална политика од каде добивме позитивни сигнали дека финансирањето ќе биде обезбедено – ние немавме соодветна локација. Во истиот момент почнавме да работиме и еве неодмна ни потврдија дека е извршена ревизија на планот каде ја проектиравме детската градинка. Имаме готов проект, финансиран од Светска банка, преку МТСП и ќе очекуваме градењето да започне. Слична е и состојбата со старечкиот дом, со кој конкуриравме во Владата, но истиот проблем го имаме и таму. Ние немаме ниту една чиста ситуација за проект кој веднаш може да се реализира, без разлика дали се работи за улици или друг објект, нема документација и усогласеност за ниту еден друг објект. Сега се соочуваме и со нов проблем, со усогласеноста со Генералниот урбанистички план, кој е донесен во 2016 година и постојните детални урбанистички планови. Кочани тежнее да биде современ и урбан град, и во еден таков град незамисливо е да нема хотел, сместувачки капацитети, посебно ако се знае дека Кочани поседува геотермални капацитети и можност за изградба на спа-центри. Во Кочани има две парцели коишто се предвидени за изгрaдба на хотели и спа-центри, но со новиот ГУП е предвидена друга категорија објекти, што значи дека иако во овој момент по многу лобирања има заинтересиран инвеститор за изградба на спа-центар, ние се соочуваме со урбанистички проблеми. Планското обликување и усогласување оди многу бавно и тука ги разбирам граѓаните што реагираат затоа што за каква било интервенција во административните процедури се губи многу време, не само во општината туку и на централно ниво, бидејќи надлежноста е на Министерството за транспорт и врски и во тие лавиринти се губи многу време. Немањето урбанистички планови ги кочи проектите што сакаме да ги реализираме. Ете, на ова трошиме многу време и енергија со цел да реализираме што повеќе од планираното.

DSCN8971

Какви се плановите за уредување на централното градско подрачје?

Со поддршка од студентите на Архитектура започнавме да работиме на визија, за градот за следните 50 години – затоа што без правилно планирање нема да имаме добра иднина. Со нивна помош треба да го креираме и централното градско подрачје. Овде, индивидуалните парцели треба да се здружат и да се прават поголеми маркици за колективно домување, така бенефитот ќе биде поголем за сите. Ако се продолжи до Поштата така како што е започнато со Блок А и Блок Б, ќе се создаде една пешачка зона, ќе има повеќе простор за кафетерии и продавници, центарот ќе добие една сосема друга функција и градот ќе има нов, модерен изглед. Од она што го имаме сега, стручните служби ќе се обидат да извадат максимум. Мојата заложба е да направиме што повеќе колективно домување и пешачка зона во центарот. Овде би сакал да го истакнам и решавањето на деценискиот проблем со Старата касарна, која е извор на разни заразни болести. Ние сме на добар пат да го решиме овој проблем, да изградиме 24 куќички за семејствата сместени во Касарната и очекуваме овој проблем да биде решен во првата половина од наредната календарска година.

DSC_0106-(Copy)

Како се справувате со партиските влијанија, имајќи предвид дека најавивте натпартиско дејствување како градоначалник?

Така се однесувам – како градоначалник на сите граѓани. Партиите нека си го работат своето, мојата заложба за непартиско работење во администрацијата е основа на сè. Тоа е тежок и болен процес, но професионална и непартизирана администрација е повеќе од потребна во сите институции. Граѓаните не може да бидат зависни од партиите. Граѓаните треба да ги добијат услугите, затоа што тие треба да добијат услуги според законот, а не според партиските интереси. Сепак, само моите заложби не се доволни. Сите треба да дадеме придонес за тоа. Мора да сфатат и партиите дека локалната самоуправа не е место за мерење на силите, и кога се на своите работни места службениците треба да работат професионално и стручно. Соработката со Советот, кој е составен од политички претставници, е мошне конструктивна. Одвреме навреме се забележува поделеност кога се отвораат политички прашања. Тогаш има дебата и тогаш се гледа колку е голем јазот меѓу политичките партии. Кога се работи за прашања од интерес на граѓаните нема или ретко кога има дебата, значи се случува да се гласаат проекти без дебата, нешто што е недопустливо за Советот. Тие одлуки поминуваат едногласно, но без дебата, што не е добро.

Ви благодарам за разговорот.

DSC_0036-(Copy)

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари