Една година локална власт со СДСМ и Николчо Илијев е година на разочарувања.

Година на неработа, изговори, партизација… Најдобро мерило за еден човек е неговиот збор, градоначалникот во својата кампањата рече: “Јас сум Николчо Илијев, кандидат за градоначалник на Општина Кочани и стојам зад секој проект во мојата програма!” Една година подоцна прашуваме:

“Знаете ли позади што стоите денеска градоначалниче?“- Да ви кажеме!

Дали знаете дека Вие стоите позади фактот дека Кочанчани дишат воздух кој спаѓа меѓу најзагадените во државата. Од дозволени 35 преминувања на границата на пм10 честички, досега дозволената граница била надмината 49 пати а локалната самоуправа со Вас на чело или тоа не го знае или не ја интересира и нема превземено ама баш ништо!

Дали знаете дека стоите и позади фактот дека нова детска градинка во Кочани и во с.Тркање НЕМА а рокот во кој Вие ветивте дека ќе биде изградена и кој јасно стои во вашата програма е 2018 година.

Знате ли дека стоите и позади неисполнетото ветување за рекреативна патека со клупи видиковци и информативни табли до брана Гратче, проект кој според Вашата програмата веќе требаше да биде завршен. Ветено – неисполнето!

Професионалниот театар остана само во вашата програма и тоа со рок за реализација кој веќе е поминат, за жал во реалност и во пракса го НЕМА!

Постојниот МКЦ ниту е “реконструиран“ ниту е “реорганизиран“ –иако во Вашата програма ветувавте дека тоа ќе биде завршено до денес и ќе се вика Граѓански младински центар!

Новиот сообраќаен режим кој го ветивте го нема! Видовме само промена со која една улица се врати на стариот сообраќаен режим а во програмата ветивте неколку кружни текови и целосна реорганизација. Неостварено!

Каде е, и што се случи со “грандиозниот“ проект за гасификација во индустријата и домовите! Вие лично во неколку наврати изјавивте дека тоа е КЛУЧЕН проект за развој на Општината! Денеска нема ништо од тоа иако рокот за отпочнување е поминат. Дали се откажавте од тој клучен проект или се откажавте и од развојот на Општината?

Немате никакви капитални проекти! Немате ДУП како што ветивте и во рокот кој го ветивте! Немате никаква грижа за земјоделците, оризопроизводителите и сточарите! Немате пристапна патека за лицата со инвалидитет во општинската зграда- постојната рампа ја затворивте! Со секој изминат ден локалната самоуправа станува се понедостапна за граѓаните.

И за крај Вие заедно со СДСМ дозволивте во Кочани да се случи до сега невидена партизација на институциите. Дозволивте работните места да се разграбуваат и да се “делат“ според партиска припадност. Непотизмот го доведовте на ниво на “дејност“ на локалната самоуправа и мора да ви признаеме дека тоа е единственото нешто што функционира “бепрекорно“ во изминатата година локална власт!

Денеска Вие и како човек и како градоначалник стоите позади Општина која е во хаос, стоите позади многу неисполнети ветувања кои ги дадовте во Вашата кампања!

Со почит,

Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ Кочани

Снежана ХаџиПаунова

Советник во совет на Општина Кочани

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари