По катастрофалното лошо издание во минатото коло во Ново Село против домаќинот „Кежовица“, фудбалерите на „Осогово“ денес во рамките на 9-тото коло од Третата Фудбалска Лига – Исток сиот бес го истурија врз младата екипа на „Рудар“ од Пробиштип. „Жетварите“ победија со 7:0 (4:0) а ако ги реализираа сите прилики за гол „рударите“ со повеќе од една дузина во мрежата ќе си заминеа дома. Но и со ваков противник одбраната на „Осогово“ покажа дека е слаба алка во екипата, па гостите во второто полувреме создадоа 3-4 сериозни шанси за гол кои поради неискуството на нивните напаѓачи не реализираа ниту една. Но фудбалот се игра за голови а денес стотината гледачи видоа дури седум, три на Димоски (3’11’39’), два на Илиоски (13’55’) и по еден на Манов (75’) и Митревски (87’).

Екипата на „Кежовица“ од натпревар во натпревар игра се подобро па денешната победа во Берово не е случајна. Во делчево победник немаше, а екипата на „Слога 1934“ не отпатува на натпреварот во Џумајлија.

„Резултати од 9-тото коло:

„Осогово“ – „Рудар“  7:0

„Работник“ – „Слога 1934“  (не се одигра – гостите не допатуваа)

„Малеш“ – „Кежовица“  0:2

„Брегалница сениори“ – „Овче Поле“  1:1

На табелата води „Осогово“ со 21 бод, пред „Кежовица“ и „Овче Поле“ по 17, „Работник“ 13 (-1), „Малеш“ и „Брегалница сениори“ по 10, „Рудар“ 9 и „Слога 1934“ 3 освоени бода.

Во следното 10-то коло „Осогово“ му гостува на „Овче Поле“.

С. Ивановски

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари