Голготата на фудбалските судии од Кочани кои не му се покорија на „фудбалскиот маг“ и не му ги исполнија желбите, продолжува. Уште едно коло помина а голем број на фудбалски судии кои минатите години градеа и име и кариера на фудбалскиот терен се под суспензија на двоецот:  Претседател на Трета Фудбалска Лига – Исток – Комесар за делегирање на судии во истата лига.

Додека едниот пушта приказни низ фудбалската јавност дека тоа е оценка на Комесарот за делегирање на судии, другиот со одговор дека нему му се доставува список кои судии треба да бидат делегирани од Кочани. И така тие, сите ги вртат во круг а времето си минува, натпреварите поминуваат а судат едни те исти судии без разлика дали ги поминале тестовите или не.

А се започна кога на повеќе од месец дена најпрвин беше сменет Јордан Гицов а на негово место беше назначен Атанас Кушевски кој требаше да ја извршува функцијата Претседател на судиите во Трета Фудбалска Лига – Исток. Потоа пред месец дена пред одржувањето на сега веќе завршеното Генерално Вонредно Собрание на ОФС Кочани судиите беа повикани од страна на Претседателот на Трета Фудбалска Лига – Исток на состанок кои свесни дека ќе се случува пак нешто „интересно“ не се појавија туку на својот новоизбран Претседател Драганчо Димитровски му дадоа согласност и поддршка да ги брани нивните интереси и да учествува на изборот за Претседател на ОФС Кочани.

На три дена пред одржување на Генералното Вонредно Собрание на ОФС – Кочани за да се изврши повторен притисок судиите кои ги положија тестовите пред стартот на првенството заедно со оние „повторувачите“ повторно беа викнати на полагање со цел да после проверката се состанат со Претседателот, кои и овој пат претпоставувајќи за што се работи не го удостоија „фудбалскиот маг“.

Нивната непослушност сега е „наградена“ што многумина од нив во девет поминати кола имаат само едно делегирање, а дел од „повторувачите“ коло не испуштаат.

Чудно во сета ова игра е индолентноста на Атанас Кушевски кој не реагира ниту на одлуките на Комесарот за делегирање ниту на Претседателот кој го постави на таа функција.

Судиите се казнети очигледно само затоа што размислуваат со сопствен ум и ништо повеќе.

Но деновиве во јавноста проструи веста дека сега на ред доаѓаат делегатите кои учествуваа во гласањето за изборот на Љубчо Ѓорѓиевски за Претседател на ОФС Кочани.

Ова елиминирање на непослушни делегати не е ништо ново, истото се практикува веќе извесен период. Најпрвин беше суспендиран Ванчо Коловски ( делегат од ОФК Малеш) за неодигрување на натпревар на неговата екипа во минатото првенство кој натпревар е регистриран како одигран а ниту една екипа не ги доби бодовите! По таа утврдена пракса на покажување сила, сега на ред дојдоа делегатите кои со апстинирање требаше да не дозволат да се одржи Генералното Вонредно Собрание на ОФС – Кочани, кое на нивна жалост веќе се одржа и на истото се избра Претседател.

По сето ова се поставува прашањето „Дали има некој во федерацијата што ќе го спречи ова самоволие на поединци“, кои користејќи го името на федерацијата повеќе од една деценија си дават некакво значење, или преку нејзиното име си го лекуваат комплексот на висока вредност.

С. Ивановски

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари