Новоформираната Детска градинка „ГФК Осогово“ која почна да работи од ова лето, не ги даде посакуваните резултати. Лошо менаџирање, со воспитувачи без рејтинг и деца кои едноставно за ништо не се заинтересирани, по само четири месеци постоење покажа дека градинката е со сомнителен квалитет.

Чудно, но реално, во „градинката“ има само неколку деца од општина Кочани, додека се другото е доведено од кој знае каде за што општината потроши во овие три месеци 400.000,00 денари а згора на се од приватна компанија им беше обезбеден престојот.

Но да се вратиме малку и во реалноста.

ГФК „Осогово“ иако е лидер на табелата во Трета Фудбалска Лига – Исток сепак нејзиното „сигурно“ прво место е на стаклени нозе. „Жетварите“ во изминатите десет кола забележаа седум победи и претрпеа три порази. Дека екипата не е со кој знае каков квалитет  покажаа првите неколку кола кога „жолто-сините“ како домаќини се мачеа со екипи кои ниту редовно тренираат а ниту имаат некои големи амбиции.

Во првото коло „Осогово“ како домаќин со доста маки со 1:0 ја совлада екипата на „Кежовица“ чии играчи од респект кон името на клубот како да им се пресекоа нозете на стадионот „Никола Мантов“. На следниот натпревар кочанчани забележаа победа од 3:1 против „Рудар“ во Пробиштип, екипа која на почетокот на првенството а и сега е десеткувана. Во третото коло победа против „Овче Поле“ од 2:0 а во четвртото против „Малеш“ 2:1 и двете во Кочани на кои гостите беа тие кои им помогнаа на „жетварите“ да дојдат до бодовите. Во петтото коло прв посериозен противник на гостински терен, во Лозово домаќинот „Работник“ го совлада „Осогово“ со 3:2 иако домаќините имаа и водство од 3:0. Кога се помисли дека овој пораз ќе ги спушти на земја играчите со сомнителен квалитет, и ќе ги „отрезне“ оние на клупата, продолжија лошите игри, иако „Брегалница сениори“ беа победени на домашен терен со 2:0 а „Слога 1934“ во Виница со 2:1. Но вториот круг ја покажа реалната слика на „Осогово“, слика во која се сомневаа многу познавачи на фудбалот уште кога во летниот предоен рок се доведуваа млади непроверени играчи. Желбата на нивните родители да играат во „Осогово“ клуб со реноме е едно, а реалноста за нивните фудбалски „големини“ е друго.  Поразите во осмото коло во Ново Село од одличната „Кежовица“ и во десеттото во Свети Николе иако во меѓувреме со 7:0 се совлада младиот состав на „Рудар“ е реалноста со која се соочува еден од фудбалските брендови во Македонија.  Кој ќе ја понесе одговорноста за рушењето на угледот на  клубот со повеќе од деведесет години историја не знаеме, но факт е дека доведените играчи и тренерскиот квартет не работат за џабе, бидејќи ако е така некој треба да одговори каде и за што се потрошија во изминатите три месеци 400.000,00 денари на граѓаните на Кочани кога се знае дека друг им ја обезбеди котизацијата.

С. Ивановски

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари