Матичните лекари и медицинските сестри од приватните здравствени установи од Кочани излегоа на мирен протест пред подрачната единица на Фондот за здравствено осигурување за да го изразат незадоволството од понудените услови во договорите што треба да ги потпишат за наредниот петгодишен период. Лекарите реагираат што воопшто не се опфатени со најавеното покачување на платите за здравствените работници, ниту пак ќе добијат други подобрувања за извршување на дејноста, како што е со нивните колеги специјалисти.

„Ова е протест на понудените лоши договори кои што треба да ги потпишеме а кои ќе важат во наредните пет години. Ние не се согласуваме со казнената политика која е спомената, со начинот на реализација на превентивните прегледи кои што ги обавуваме. Во буџетот кои што треба да биде усвоен не се споменати никаде приватните здравствени установи“, рече Јованка Алексова, координатор на Здружение на приватни лекари Кочани.

Матичните лекари истакнаа и дека не се согласуваат нити  со дежурствата кои што беа предложени во изминатиот период.

Лекарите истакнаа дека со приватното здравство Фондот заштеди многу, а сега матичните лекари не се ниту ставени во плановите за покачување на платите.

„Со приватизацијата и нашето преоѓање во приватна здравствена практика ФЗО заедно со Министерството за здравство од 2007 година секоја година заштедува близу 16 милиони евра. Ако пресметате, за 11 години тоа е огромна сума на пари кои што ФЗО ги заштеди благодарение на приватизација на примарно здравство, меѓутоа за таа цел воопшто не сме ставени во плановите да ни се покачат платите. Во изминатите единаесет години немаше покачување на капитацијата и таа остана на 55 денари. Воопшто не бевме вклучени во договарањата за воспоставување партнерски однос, а наместо тоа добивме влошена казнена политика, не можеме да користиме боледувања и ред други права што ги имаат колегите во јавното здравство. Сега кога се креира буџетот за 2019 година срамота е примарното здравство да не влезе барем со минималнми барања кои треба да ни бидат исполнети, рече“ Лазо Митев, член на Здружението на приватни лекари.

Приватните лекари од Кочани очекуваат поддршка за своите барања и од Лекарската комора на Македонија, при што најавија дека нема да ги потпишат договорите со ФЗО. Протестот ќе продолжи и наредната недела доколку од Фондот не покажат заинтересираност за проблемите, а освен во Кочани, со слични барања излегуваат и останатите здравствени работници од приватниот сектор.

52

53

54

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари