Вчера (Вторник) беа доделени наградите за најуспешните претприемачи на микро и мали претпријатија во земјата.

На традиционалниот избор „Претприемач на годината 2018“ по 12-ти пат  годинава, во категоријата микропретпријатија нашиот сограѓанин Сашко Андонов, менаџер на компанијата „Течко нет“ од Кочани ја освои првата награда, а втората награда му припадна на Александар Билјаноски, менаџер на компанијата „Мое студио Дадар“ од Скопје.

Во категоријата мали претпријатија првата награда му припадна на Ваљон Купа, менаџер на компанијата „Евита груп“ од Дебар, а втората на Филип Ристевски, менаџер на компанијата „Пиксел“ од Скопје.

Наградите ги доделија министерот за економија, Крешник Бектеши, претседателот на Сојузот на стопанските комори на Македонија, Даниела Арсовска, претседателот на Стопанската комора на северозападна Македонија, Неби Хоџа, и Лазар Неданоски, раководител од Македонската развојна фондација за претпријатија.

„Оваа година сметам дека успехот е најголем, затоа што токму годинава беше исполнета со можеби најголемите и најбројните предизвици досега, не само во рамки на регионот, туку и наши, внатрешни, политички, кои значајно влијаеја и врз економијата. Затоа е посебно изненадувачки што годинава имавме најмногу кандидати кои влегоа во потесниот круг за избор“,  рече Даниела Арсовска.

„Минатата година од 70.000 активни деловни субјекти, согласно критериумите беа издвоени 112 претпријатија, од кои 70 мали, а 42 микро. Овие 112 претпријатија имаат речиси 2.000 вработени, прават приходи од 76 милиони евра и добивка од осум милиони евра“, истакна Лазар Недановски, додавајќи дека овие бројки говорат дека фирмите имаат визија, гледаат можности, преземаат иницијативи и напорно работат за да постигнат успех, а успехот треба да се награди.

Изборот на најдобрите претпријатија се темелеше на четири критериуми што треба да бидат исполнети од страна на фирмите во последните три години: континуиран раст на бројот на вработени, раст на приходите, добивката и инвестициите. Од 112 мали и микро претпријатија, коишто ги исполнија овие критериуми, две мали и две микро претпријатија се закитија со статуетки.

Манифестацијата Претприемач на годината ја организираат „Сојузот на стопански комори на Македонија“, „Македонска развојна фондација за претпријатија“, „Стопанската комора на Северозападна Македонија“ и „Националниот центар за развој на иновации и претприемачко учење“. Покровител на манифестацијата е Министерството за економија, а штедилница „Можности“ се јавува како спонзор на настанот.

89

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари