Бирократијата на Компанијата ЕВН и овој пат си го покажа вистинското лице.

Стариот и дотрајан трансформатор кој е сместен во Градскиот Трговски Центар во Кочани уште пред неколку дена почна да покажува знаци на неисправност, но иако дефектите меѓу кои и два изгорени клима уреди, и палење на инсталацијата во една од пицериите, и кога во третиот влез од „А“ блокот почна да се чувствува непријатна миризба беа навреме сигнализирани никој од функционерите во ЕВН не го сфати предупредувањето, туку се беше оставено до моментот додека трансформаторот целосно не откаже.

Такво нешто се случи во Петокот во 18:45 кога во „А“ блокот, во „Кулата“ и во семејните домови од левата страна на  улицата „Димитар Влахов“ сосема снема електрична енергија.

Дежурна екипа на ЕВН излезе на терен и рака на срце по голем студ луѓето се обидуваа повеќе од шест часа да го отстранат дефектот, но за жал не успеаја бидејќи резервни делови немаше во магацинот во Кочани! Се обидоа да донесат и друг трансформатор но и тој не го даде посакуваниот резултат, па неколку илјади жители кои живеат на овој потег а кои користат електрични грејни тела останаа цела ноќ да смрзнуваат.

Сепак денес попладне (Сабота) по доста напори на дежурните служби на ЕВН во домовите на смрзнатите жители стигна електрична енергија.

Несфатливо е како бирократијата во ЕВН не извлече поука од претпоследниот ден од 2016 година кога поради нивна алчност за што повеќе приклучоци имаат дозволено кафулињата и пицериите да се вклучени заедно со броилата на станарите во нивните влезови. Тогаш сите броила во вториот влез изгореа и беше избегната поголема катастрофа, но како тоа за нив ништо да не беше во вид на аларм. Продолжија и понатака со праксата на приклучоци без да ги заштитат станарите.

Многу од оние кои останаа без греење во петокот денес најавуваа дека ќе поднесат заедничка тужба против ЕВН бидејќи несфатливо е една таква компанија која за секој ден доцнење на плаќање на сметки да наплатува камата а да нема основни резервни делови во магацините.

Сега на потег по се изгледа ќе бидат судските институции кои доколку дојде до заедничка тужба да покажат дали Република Македонија е правна држава во која законот важи за сите подеднакво.

С. Ивановски

DSCN8450

DSCN1622

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари