Планираниот старт на пролетниот дел од првенството во Трета Фудбалска Лига – Исток се одложува. Така било решено како што дознаваме на состанокот на УО на Трета Лига – Исток кој во средата се одржал во Кочани.

Причината поради која се одложува стартот на пролетниот дел од првенството е што ниту една од екипите ја немало уплатено котизацијата и материјалните трошоци за пролетниот дел, а како е време на избори за Претседател на Република Македонија ниту еден Градоначалник не смее да префрла средствата на клубовите заклучно со месец Мај.

Освен клубовите што ја немаат платено котизацијата и материјалните трошоци присутни се и побарувањата на голем број од службените лица. Како што сме информирани одговорните во Трета Лига – Исток ги немале регулирано обврските кон службените лица за последните 4-5 кола од есенскиот дел на првенството.

Но не се само овие проблеми во прашање, некои клубови се жалат дека средствата кои не ги потрошиле од котизацијата за претходното првенство уште не им се вратени на нивните жиро сметки што создава поголем револт кај нив.

Кога и дали ќе продолжи пролетниот дел од првенството никој не сака од надлежните да каже. Клубовите и службените лица си го бараат своето, а челниците во Трета Лига – Исток инсистираат на плаќање на котизацијата и материјалните трошоци без да дадат документ дека долгот ќе го регулираат.

Во ваква хаотична состојба губат клубовите кои веќе два месеци се подготвуваа, трошеа средства, играа контролни натпревари но се чини дека најмногу губи претендентот за првото место „Осогово“.

Ние и понатака ќе ги следиме состојбите во Трета Лига – Исток која сепак се надеваме дека овој месец ќе се изнајде решение да стартува.

С. Ивановски

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари