Одговорните и клубовите од Трета Фудбалска Лига – Исток со различни ставови околу одложувањето на стартот на пролетниот дел од првенството во Трета Фудбалска Лига – Исток.

Вчера (Петок) на адреса на клубовите кои партиципираат во Трета Фудбалска Лига – Исток било испратена порака од страна на Претседателот на ТФЛ – Исток Владо Андов со следната содржина:

„Поради непочитување на одлуката на УО на РФС Трета Фудбалска Лига Исток бр. 0302-07/1 од 17.01.2019 г. и неисполнување на условите за учество во натпреварувачката 2018/2019 година, од некои ФК кои се натпреваруваат во лигата. Како членка на Трета Фудбалска Лига Исток, Ве известуваме дека почетокот на првенството закажано за (недела) 10.март 2019 година СЕ ОДЛОЖУВА. По исполнување на условите за натпреварување во трета лига, согласно Правилникот за натпреварување на ФФМ и Пропозициите за натпреварување во третите лиги за 2018/2019 г. првенството ќе се организира согласно истите акти. За сите дополнителни информации (почеток на првенството, колку ФК ги имаат исполнето условите за натпреварување и сл.) благовремено ќе бидете известени. Со почит Трета Фудбалска Лига Исток Претседател Владо Андов“

Клубовите незадоволни од ваквата порака истиот ден закажуваат и одржуваат средба на која учествувале претставници од пет клубови и  двајца дополнително со порака ги информирале дека ќе ги подржат сите нивни барања што ќе произлезат од средбата.

Реакцијата и Записникот од средбата на клубовите членки во ТФЛ – Исток ја пренесуваме во целост:

„Записник, Од одржаниот состанок на клубовите од Трета Лига – Исток на кој присуствуваа претставниците на клубовите: ФК Работник – Лозово, ФК Кежовица – Штип, ФК Слога 1934 – Виница, ФК Овче Поле – Св. Николе, ФК Брегалница сениори – Делчево, а поради оправдани причини не дојдоа ФК Рудар – Пробиштип и ФК Малеш – Берово но се јавија и дадоа целосна поддршка.

На состанокот беше донесена одлука да се даде можност да се одржи состанок со претставниците на Трета лига и овластен претставник на ФФМ. Други барања се:

1.Намалување на котизацијата за натпреварување

2.Смена на раководството на Трета лига – исток

3.Смена на претседателот на Судиски одбор при Трета лига – исток

4.Клубовите да имаат свои претставници во Трета лига – исток бидејќи во последните години немаме доверба во водењето на лигата од страна на претседателот на Трета лига г-дин Владо Андов и секретарот на Трета лига г-дин Иванчо Захариев.

– Клубовите ги имаат спремени средствата за котизација, но нема да ги уплатат, се додека не се преземат соодветни мерки и удоволување на барањата ние клубовите нема да се натпреваруваме. Виница 08.03.2019 г.“

Дали ќе се постапи по записникот на клубовите од Трета Фудбалска Лига – Исток или раководството на лигата ќе остане при својот став допрва ќе видиме.

С. Ивановски

101102

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари