И овој викенд терените во Трета Фудбалска Лига – Исток ќе мируваат. Челниците кои ја водат лигата воопшто сериозно не ги сфатија барањата на седумте третолигаши, останаа и глуви и слепи на она што беше побарано од нивна страна а тоа е експресно заминување од кормилото на Трета Фудбалска Лига – Исток на Претседателот Владо Андов, секретарот Иванчо Захариев и Ванчо Коцев како лице кое ги делегира службени лица за натпреварите. За разлика од големата тројка, клубовите останаа доследни на она што го побараа и што го донесоа како одлука од нивна страна а тоа е, ако не си заминат тие нема да ги играат преостанатите два круга од првенството.

Дека клубовите се истрајни во нивните намери зборува и дописот од ФК „Кежовица“ што денес ни беше доставено а во кој се вели:

„Ние како клуб остануваме цврсто на нашите ставови. Не може ние да издвојуваме средства  некој да си прави забава и да си го збогатува домашниот буџет. Како најсвеж пример дека Ванчо Коцев се однесува дека е најглавен фактор кога се во прашање службените лица е делегирањето на Методи Иванов на натпревар од Втора Лига – Исток Неготино-Борец. Момчето ниту има база ниту е подржано од некој клуб да биде делегат во ОФС – Штип, но затоа го има својот ментор Ванчо Коцев кој како благодарност за учеството на Методи Иванов на контроверзното Собрание на ОФС- Штип одржано во Скопје со својата лојалност допринесе да има кворум а со тоа тој ја  изневери целокупната спортската јавност од Штип. Ние за такви профитери од фудбалот не сакаме да даваме средства. Воедно, сакаме да ве известиме дека барањето Иванчо Захариев да си замине го темелиме на неговиот лош однос кон сите клубови потпишани за неговото заминување. Иако нашиот клуб има побарување на средства од минатото првенство Захариев не излажа дека доколку ја платиме целата котизација за есенскиот дел од првенството парите кои ги побаруваме веднаш ќе ни бидат вратени. Не излажа, и ние со такви луѓе не сакаме да соработуваме. Владо Андов е посебна приказна. Како прво тој не сака јавно да каже за што се потрошени парите на клубовите кога уште ги нема платено судиските и делегатските такси за последните 4-5 кола од есенскиот дел на првенството.  Дали одењето како посматрачи на натпреварите на оние заслужните што немаат делегирање во соодветното коло е причината за недостатокот на средства во касата или пак причина се нивните хонорари кои сигурни сме дека си ги имаат до денар земено. Се додека тие се на чело ние нема да го доиграме првенството. Еднаш мора да му се стави крај на криминалот кој го водат луѓе кои со години само земаат пари на сметка на клубовите“.

Значи клубовите остануваат на својот став иако се свесни дека со апстинирањето од натпревари губат и тие а и гледачите. Сите клубови имаа подготовки, трошеа свои средства и за регистрации на играчи, и за исхрана и пат на играчите и тренерите и за одигрување на контролни натпревари. Но тие како што истакнуваат ако не дојде до промени најдоцна за една седмица тие нема да играат.

Значи фудбал на истокот нема, а дали ќе има и кога никој со сигурност не знае.

С. Ивановски

 

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари