Она што сите од страна го гледаа изминатите година и половина не го гледаа само инфилтрираните во СДСМ во Кочани. Додека непартиски определените кои секојдневно се со обичниот народ укажуваа дека може да се случи она што и сẻ случи во неделата во првиот круг од Претседателските избори, тие се смееја и си гледаа да извлечат се поголема корист додека се на власт. Но народот гледа, народот поставува, но народот и разрешава.

Во неделата е испратена првата огромна порака, но дали има некој во партијата која е поделена и е на климави нозе ќе може тоа да го разбере? Ако сẻ „гледаат“ како и до сега, тешко.

Гласачката машинерија на СДСМ со малиот број дадени гласови 6.513 односно 4.057 помалку од бројката за која се гласаше за Листата на советници во 2017 (10.570) не го казни Стево Пендаровски, напротив, тие ја казнија погубната политика на СДСМ во „градот на оризот“.

Залудно е сега со прст да се покаже на виновникот, бидејќи виновници има многу.

Како прво партијата во Кочани веќе подолг период е поделена на два – три клана и секој си влече на својата страна, барајќи си полза за себе и на оние кои го поддржуваат, додека сите останати се ставени во подредена улога.

И додека „локомотивата“ која ги влечеше „вагоните“ на партијата изминатите циклуси остана со празни раце бидејќи речиси никој не доби ништо од ветувањата, а им беа ветувани нај обични вработувања (имаат по неколку членови во семејствата, а никој не е вработен) со бирократијата се постапуваше поинаку.

Додека опозицијата за време на кампањата секојдневно свикуваше прес конференции на кои го повикуваше народот да го поддржи нивниот кандидат, од СДСМ следуваа само контра пресови и само два преса! Едниот за најава на митингот и другиот завршниот, последниот ден од кампањата.

Паралелно со напред спомнатото, и некои раководители во одредени организации ја „упрскаа“ работата, делеа извршни решенија како да е тоа последниот ден, како да после изборите нема да има денови, други пак доста препотентно не сакаа ни да ги сослушаат странките за нивните проблеми, едноставно ги исфрлаа од канцелариите.

На сето ова ако ја додадеме и првичната изјавата на Министерот за здравство Венко Филипче дека Општа болница во Кочани  ќе се затвори, подоцна „ПУ“ кажаното никој не му го сфати како сериозно.

Епа господа од СДСМ, со таква политика која јас би ја нарекол препотентна, не може да се излажат гласачките маси бидејќи моментно состојбата вчера и денес е доста поинаква отколку на почетокот на месец Октомври 2017 година.

Значи, гласачите и симпатизерите на СДСМ ви ја испратија пораката во првиот круг за Претседателските избори, на ред е вториот круг закажан за 5-ти мај, малку време да се нешто смени, но знаејќи дека политиката е женски род сите опции сепак се отворени.

С. Ивановски

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари