Во организација на Општина Кочани, а во соработка со Фондацијата „Славко Јаневски“, СОУ „Гошо Викентиев“ и Центарот за култура „Бели мугри“, денеска во Кочани беше промовиран романот на годината „Некој бил тука“ од Николина Андова Шопова.

За делото говореше Фросина Пармаковска, минатогодишна лауретка на Наградата, која истакна дека се работи за роман што се чита во еден здив, мал но тежок и емотивно напорен текст за читателот.

„Се работи за бегство од себе, една долготрајна и мачна себеотуѓеност која, низ необична игра со и во просторот, резултира во едно неопходно и неизбежно себесретнување“ истакна Пармаковска пред публиката во Кочани.

За создавањето, пораките и емотивните релации меѓу ликовите, за фиктивното и реалното во романот, говореше авторката Николина Андова Шопова, која одговараше и на прашања од посетителите.

Извадоци од романот „Некој бил тука“ читаа ученикот Давид Стојков од СОУ „Гошо Викентиев“ и Мери Каровска од Фондацијата „Славко Јаневски“.

Во рамките на промоцијата, Ѕвездан Георгиевски од Фондацијата „Славко Јаневски“ говореше за изданијата „Село зад седумте јасени/Стебла“ на Славко Јаневски и првиот број на списанието „Архив Јаневски“.

Општина Кочани втора година по ред организира промоција на романот на годината, награда што ја доделуваше „Утрински весник“, а по неговото згаснување  – Фондацијата „Славко Јаневски“.

„Идејата за овој настан е резултат на родовата анализа и статистика која вели дека од 1999 година досега, од 20-те доделени награди за роман на годината, само шест се на жени. Претставувањето на наградените авторки пред кочанската публика е еден вид охрабрување на жените да творат и да конкурираат за високите книжевни награди“ објаснува координаторката за еднакви можности во Општина Кочани, Љубинка Ајтовска.

DSCN2178

DSCN2194

DSC_0017

DSC_0008

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари