Шефот на Стручниот штаб на Третолигашот „Слога 1934“  од Виница Крсте Крстев за утре (Сабота) ја закажа прозивката, односно стартот на подготовките за претстојното првенство во Трета Лига – Исток.

Виничани не беа пасивни во овој преоден рок како изминатите години, напротив, донесоа неколку нови и проверени играчи со што јасно уште пред почетокот на првенството ја истакнаа својата кандидатура за освојување на првото место.

Додека другите мируваа Претседателот на клубот Златко Насев беше растрчан на сите страни. Целта му беше да го сочува составот од пролетниот дел на сезоната но и со договор на Крсте Крстев да ангажира играчи со чија помош ќе ја вратат „Слога 1934“ во второлигашките води.

„Навистина имавме топло лето. Желбата на сите во клубот а и на навивачите на „Слога 1934“ е борба за највисок пласман и освојување на првото место за да од идната година се најдеме во второлигашкото друштво. Ништо не криеме, напротив, имаме Стручен штаб во кој веруваме, имаме играчи чиј потенцијал е голем и затоа со оптимизам најавуваме освојување на првото место“ го започна разговорот Златко Насев – Претседател на „Слога 1934“ па продолжи:

„Целта ни беше најпрвин да ги задржиме играчите кои во пролетниот дел од првенството ги бранеше боите на нашиот клуб, а потоа да ангажираме играчи за речиси сите позиции во тимот. Донесовме квалитет што мислам дека е гаранција за едно подобро утре на „Слога 1934“.

За помошта од Локалната самоуправа – Виница предводена од Градоначалникот Ивица Димитров, Насев со јасен став:

„На Градоначалникот му го кажавме нашиот проект а тој како страстен навивач на „Слога 1934“ и љубител на спортот не подржа. Годинешниот Буџет со кој располага клубот засега е доволен, но не знаеме и не можеме да предвидиме како понатака. Се надеваме дека доколку ја одиграме есента добро, дека со новиот буџет на Општина Виница ќе се издвојат многу повеќе средства бидејќи реков, целта е првото место и пласман во како најавуваат единствената втора лига“.

Насев како што кажа, има желба сите да се обединат во Виница бидејќи фудбалот овде е традиција.

„Посакувам сите да се ангажираме за подобро на клубот. Да ги оставиме предрасудите настрана и да свртиме една нова страница за „Слога 1934“. Искрено се надевам дека и публиката за која всушност и се игра фудбалот ќе успееме да ја вратиме на трибините на „Градскиот стадион“. Само сите заедно можеме да успееме во она што го зацртавме во овој летен период, а тоа од следната година „Слога 1934“ да стане второлигаш“.

С. Ивановски

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари