Група граѓани кои живеат во непосредна близина на некогашната „Фабрика за целулоза и хартија“ во Кочани, денес излегоа на мирен протест со што јавно го искажаа незадоволството поради чадењето на оџакот на фабриката кој според нив го загадува воздухот.

Своето незадоволство тие го искажаа со блокада на влезот на фабриката и побараа средба со одговорните во фабриката, но од обезбедувањето беа информирани дека вработените се на одмор.

Владимир Крстов кој беше дел од групата граѓани кои протестираа рече: „Немаме ништо против сопствениците и вработените во фабриката за хартија, но загадувањето што се прави од оџакот на котларницата е неиздржливо. Протестираме затоа што сме загрижени за здравјето на нашите деца, но и на сите граѓани кои живеат и работат овде. Пред околу две години, кога фабриката почна повторно да работи чадот го немаше, но од пролетта наваму практично се гушиме, не можеме да отвориме прозорец, ниту да излеземе во двор. Пријавивме во Општината со барање да реагира и Државниот инспекторат за животна средина, но досега нема промени во состојбата“.

Протестот заврши мирно, но како што истакнаа незадоволните граѓани доколку состојбата не се подобри следниот протест ќе биде порадикален па дури нема да дозволат да се влегува и излегува од фабриката.

С. Ивановски

IMG_3127

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари