На ново уредениот терен во Штип, во прекрасна атмосфера, под светлоста на рефлекторите „Брегалница“ и „Осогово“ го одиграа првиот натпревар од второто коло во Втората Фудбалска Лига – Исток.

Уште од првиот свиреж на судијата Ѓуровски иницијативата ја презедоа домаќините но играчите на „Осогово“ мошне добро се движеа по целиот терен и не им дозволуваа на сините да дојдат до голот на Јованоски.

Но од првата изработена акција „Брегалница“ поведе. Се играше 19’ кога по еден центаршут од десната страна Горгиев заплива низ воздухот и со прекрасен удар со глава го погоди левиот горен агол на Јованоски.

Само три минути подоцна беше досуден слободен удар за домаќините од десната страна. По извадениот удар топката удри во пречката и од гол линијата заврши во рацете на Јованоски. Пет минути подоцна нови возбудувања пред голот на „жетварите“ но гостинскиот голман со прекрасна интервенција не дозволи по втор пат да се затресе неговата мрежа.

По примениот гол кочанчани малку се подотворија и неколку пати се обидоа нешто повеќе да направат, но не беа концентрирани во завршницата. Наспроти „жолто-сините“ домаќините до крајот на полувремето се обидуваа со удари од далечина да дојдат до втор погодок но со минимално водство за „Брегалница“ се замина на одмор.

Она што не им успеа на „сините“ пред крајот на полувремето им појде од рака на почетокот на вториот дел. Се играше 49’ кога по еден центар шут од десната страна на топката натрча Горгиев и со класичен волеј удар по втор пат го матира гостинскиот голман. Во 60’ нов-евро гол за штипјани, по изведениот корнер од десната страна Манев со прекрасен удар со глава од дванаесет метри ја упати топката во самиот горен десен агол на немоќниот Јованоски. Три минути подоцна по четврти пат се затресе мрежата на гостите. Домаќините упатија удар од далечина, голманот Јованоски со крајни напори ја одби топката на која натрча Велинов и ја спроведе во мрежата.

Последниот погодок беше можеби и најубавиот момент на средбата. Нововлезениот Натевски доби топка на работ од казнетиот простор, си направи чист простор и со феноменален удар во стилот на Робен биеше во горниот десен агол.

Се на се сосема заслужена победа на „сините“ кои полни со енергија не застанаа преку целиот натпревар. Играа „до нога“, постојано напаѓаа  и беа доста ефикасни во завршницата.

„Осогово“ одигра во границата на неговите можности, односно толку колку што му дозволи домаќинот.

Натпреварот го следеа околу 1.500 гледачи.

С. Ивановски

DSCN0177

DSCN0182

DSCN0205

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари