Градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев кој воедно е и Претседател на Источно планскиот регион, денес во придружба на Министерот за транспорт и врски на Република Северна Македонија Горан Сугарески и Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Зоран Китанов ја посетија обиколницата кај Кочани која е дел од Магистралниот пат А3, на која се почна со гребењето на коловозот за да може да постави нов асфалтен слој.

Предвидена е целосна реконструкција на обиколницата која е изградена пред околу три децении.

„Во овој регион вложуваме над 330 милиони евра за изградба на сообраќајната инфраструктура, како во делот на експресните патишта, така и во рехабилитација на веќе постојаните магистрални и регионални патишта. Освен обиколницата, веќе е завршена реконструкцијата на дел од патната мрежа Кочани – Пониква, потоа Виница – Берово, како и до граничните премини кај Делчево и Берово. Во моментот се работи на реконструкција на преку 30 регионални патишта во државата, а уште десетина ќе продолжат за околу две недели. Се работи за сериозна бројка од околу 600 километри патна мрежа и со почнатата динамика тие во целост ќе бидат завршени“ рече Министерот Сугаревски.

DSCN0451

„Со градежните работи ќе се рехабилитира асфалтниот слој на обиколницата, чија должина е околу 6 километри и ширина од 7 метри, а освен тоа ќе се санираат и трите моста кои се во нејзин состав. Со тоа ќе се рахабилитира една важна делница која е многу фреквентна и е дел од сообраќајното поврзување на нашата држава со соседна Бугарија а корист ќе имаат не само жителите на Кочани, туку и жителите на целиот регион. Планираниот рок за завршување на градежните работи е до крајот на октомври, поради што очекуваме учесниците во сообраќајот да имаат разбирање и трпение поради краткотрајните застои“ истакна Китанов.

Градоначалникот на Општина Кочани упатувајќи благодарност што после подолг период се рехабилитира оваа обиколница рече: „Со реконструкцијата на патиштата од Истокот, со експресниот пат што се гради, ќе придонесеме овој регион да биде поблиску до центарот, нешто што минатите години недостасуваше. Сметам дека оваа реконструкција директно ќе придонесе за подобрување на квалитетот на животот на граѓаните од целиот Исток и на тој начин ќе помогнеме младите да ја бараат својата егзистенција овде. Изразувам голема благодарност за поддршката во реконструкцијата на патот Пониква – Кочани, патен правец кој е со регионално значење за развојот на туризмот. Неговата реконструкција овозможи потенцијалните инвеститори да донесат правилна одлука и имаме најава за изградба на неколку хотели кои ќе почнат да се градат, нешто што не беше случај во изминатиот период. Оваа поддршка несебично ја очекувам и во наредниот период, да го реконструираме и остатокот од патниот правец Пониква – Кочани од околу 7 до 8 километри што останаа. Од Министерството за транспорт и врски очекувам помош и поддршка за суштински прашања кои ние како општина не можеме сами да ги решиме, а тоа е реконструкција на главниот цевковод од водоводната мрежа во Кочани“.

С. Ивановски

DSCN0452

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари