Во рамките на 3-тото коло од Втората Фудбалска Лига – Исток на стадионот „Никола Мантов“ во Кочани по обвлачно и мошне пријатно време за игра, пред околу 200 гледачи се одигра натпреварот „Осогово“ – „Тиквеш“.

И двете екипи како да го респектираа повеќе од потребно својот противник па речиси за цело време играа претпазливо за што сведочи податокот дека во првото полувреме не беше упатен речиси ниту еден удар кон голманите Јованоски и Игески.

Натпреварот беше решен во 59’. Капитенот на гостите Мојсов остро го изведе ударот од аголот а гостинскиот играч Делов од половина метар ја спроведе топката во мрежата. Домаќините бурно реагираа кај првиот помошник Степановски бидејќи сметаа дека претходно непотребно досудил корнер за гостите иако ситуацијата беше доста сомнителна. По бурните реакции домашниот тренер Андов го извлече најдебелиот крај, заработи исклучување.

По примениот гол гостите беа тие што ја затворија играта, па топката ја исфрлаа што подалеку од својот шеснаесетник барајќи ја шансата од контра нападите.

По примениот гол „жетварите“ тргнаа на се или ништо и во 83’ и 84’ имаа убава можност да дојдат барем до израмнување, но во првиот обид ударот на Стоименов со глава заврши над пречката а во вториот обид гостинскиот голман Игески со прекрасна интервенција ја исфрли топката од под самата пречка во корнер.

Се на се, натпревар што бргу ќе се заборави, но не и калкулантското судење на Ралевски, кој откако не санкционираше неколку поостри стартови на почетокот од натпреварот, ја испушти играта од раце па почна да дели жолти картони и кога требаше и кога не требаше. Домаќините заработија 3 а гостите 5 жолти, а во 90’ поради вториот жолт картон капитенот на „Тиквеш“ Мојсов мораше предвреме да замине на туширање.

По поразот „Осогово“ остана на дното на табелата, а „Тиквеш“ покажа дека со ваква игра е далеку од кандидат за највисок пласман.

С. Ивановски

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари