Се одиграа натпреварите од 4-тото коло во Втората Фудбалска Лига – Исток.

Екипата на „Осогово“ со празни раце и без постигнат гол се враќа и од второто гостување во годинешното првенство. „Жетварите“ загубија во Пехчево со минимален резултат 0:1 (0:0).

И двете екипи одиграа тврд и неинтересен натпревар во кој шансите на обете страни можат да се избројат на едната рака. Домаќините единствениот погодок го постигнаа во 65’ по киксот на играчите за врска кај кочанчани а сигурен реализатор беше капитенот на „Кит Го“ Ступиќ. По примениот гол како што ни јавуваат „жолто-сините“ почнале поорганизирано да напаѓаат кон домашниот гол, направиле 2-3 убави шанси но истите останале без реализација.

Во Македонска Каменица неочекуван кикс на лидерот на табелата „Брегалница“. Домаќините на двапати имаа водство но гостите во последната минута од пораз ги спаси ветеранот Наумов.

„Тиквеш“ без поголеми напори го совлада дебитантот во лигата „Питу Гулу“, а „Кожуф“ и „Плачковица“ дојдоа до три бода на гостувањата во Струмица, односно Прилеп.

Резултати од 4-тото коло:

„Кит Го“ – „Осогово“  1:0

„Каменица Саса“ – „Брегалница“  2:2

„Тиквеш“ – „Питу Гули“  5:0

„Победа“ – „Плачковица“  2:5

„Беласица“ – „Кожуф“  1:2

На табелата водат „Брегалница“ и „Тиквеш“ со по 10 бода, пред „Беласица“ 9, „Кожуф“ 8, „Кит Го“ 5, „Каменица Саса“ и „Плачковица“ со 4, „Победа“ и „Питу Гули“ со 3 и „Осогово“ без бодови.

Во 5-тото коло „Осогово“ ја пречекува екипата на „Победа“.

С. Ивановски

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари