Градоначалникот на Кочани Николчо Илијев и општинската администрација предлагаат Советот на Општината да го измени и дополни Годишниот план за јавни набавки со крупни инфраструктурни проекти коишто значително ќе го изменат ликот на Кочани и ќе претставуваат сериозни зафати за подобрување на сообраќајните решенија во централното градско подрачје.

„Идејата за продолжување на втората булеварска лента на „Тодосија Паунов“ кон „Ленинова“ ја прошируваме. Познато е дека експропријацијата „Ленинова“, сегашна „Стево Теодосиевски“ привршува, следува уривање на старите објекти кај Спортската сала. Во реализацијата очекуваме поддршка од државните институции, па затоа се решивме да изработиме инфраструктурен и сообраќаен проект за булевар за влез во Кочани од обиколницата пред Грдовци по улиците „Никола Карев“, „Стево Теодосиевски“ и „Димитар Влахов“, со кружни текови. Сообраќајната циркулација сакаме да ја подобриме и со 4-5 кружни текови откај Средното училиште „Гошо Викентиев“, по булеварот „Тодосија Паунов“. Сметам дека на тој начин ќе овозможиме подобар сообраќаен проток и поубав изглед на Кочани“ најавува градоначалникот Илијев.

Покрај овие измени, Советот на Општина Кочани ќе одлучува за издвојување средства за изработка на основен проект за реконструкција на Градскиот парк по изготвено идејно решение од Општина Кочани.

Седницата ќе се одржи в четврток, на 26 септември 2019 година.

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари