После богатото културно лето, општина Виница продолжува со нов есенски културен бран кој започнува од понеделник со отварањето на Меѓународниот Фестивал за хумор и сатира „Ин Виница Веритас“.

Следната недела , Виница ќе има еден сеопфатен репертоар на комично-сатирични содржини кои ќе внесат еден нов ведар и позитивен импулс во нашето секојдневие.

„Во рамките на петдневната фестивалска програма очекуваме масовна посетеност пред се заради самите содржини на Фестивалот, но и заради звучните имиња кои како актери, сатиричари, карикатуристи, ќе продефилираат овде на театарската сцена во Виница “ рече градоначалникот Ивица Димитров во денешната прес најава на содржините од Фестивалот.

Со прогласувањето на најдобрите карикатуристи од Конкурсот за карикатура чие мото годинава е „Трагачи по парадокси“ и отварање на изложба од истите, во понеделник во 19:30 е официјалното отварње на Фестивалот „Ин Виница Веритас“, а на театарската сцена прв ќе настапи Сашо Тасевски со претставата „Северно од Македонија“.

И годинава по вторпат ќе има Интернационална вечер на хумор, сатира и карикатура, во чии рамки ќе бидат промовирани две нови книги со афоризми „Женско писмо“ и „Трагачи по парадокси 2“ која воедно ќе биде и петта книга од Едицијата Балканска Сатира на Фестивалот, по што истата вечер ќе гостува театарот „Бора Станковиќ“ од Врање.

Според директорот Јовица Илиев, и годинава на Програмата ќе има едукативни часови за средношколците, а едукатори ќе бидат Никола Драгаш и Миле Ѓорѓијоски.

Во четврток гостува театарот од Лесковац со претставата „Половњаче“ , а Фестивалот ќе биде заокружен со настап на нашите актери од Битола со комедијата „Кокошка“ во режија на актерот познат по своите стендап-комедии, Маријан Ѓоргиевски.

Општина Виница

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари