Модерна ситком-серија, прва од таков тип кај нас, се снима во продукција на КМК продукција, заедно со Актерската школа на Весна Петрушевска.

Десетте епизоди ќе се емитуваат на националната телевизија „ТВ 24“ од крајот на октомври. Сценариото е на Димитар Банов, а на режијата се потпишува Петрушевска. Серијата е плод на работата на првата генерација ученици во актерската школа на првенката на Македонскиот народен театар. Преку овој проект младите ќе имаат можност да ги покажат своите знаења кои ги стекнале преку предавањата во школата.

„Серијата е инспирирана од различните карактери на децата што ја посетуваат школата, како и разликите создадени од предизвиците што им ги наметнал животот. Преку ликовите во серијата актерите ќе имаат можност да бидат гласот на младите кога станува збор за образованието, љубовта, родителите, тинејџерски проблеми, како и за нивните потреби, желби, стравови. Оваа серија ќе покаже дека нашите тинејџери се исти како оние од Милано, Париз, Њујорк“ велат од продукцијата.

Авторите очекуваат „Гласна куќа“ да придонесе да се намалат разликите на сите основи, но и да помогне во рушењето на табуата и намалувањето на генерацискиот јаз помеѓу младите и нивните родители.

„Наша целна група се тинејџерите, но и нивните родители бидејќи нашата визија е преку оваа серија родителите подобро да ги запознаат и разберат своите деца. Очекуваните резултати ќе се постигнат и преку пораките што ќе ги испраќа серијалот. Како, на пример, повторно да се засака книгата и како децата да се оттргнат од компјутерите и од улиците, во смисла на опасностите што таму демнат (а не нивната игра)? Воедно сакаме да создадеме и простор во етерот кој ќе биде посветен на младите и ќе ги оттргне од досегашната понуда, која и не е соодветна за нивните години“.

Темите на епизодите се: Близнаци, Пеперутка, Симпатија, Диета, Батерија-еко, Професија, Златна вода, Пријатели, Бубуљица и Странство.

Продуцент на проектот е Виолета Дамевска-Ѓоргиева, а го помогна Министерството за култура.

ИЗВОР: fakulteti.mk

777 - Copy

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари