Под мотото „Коалиција против гладот“ невладините организации „Еднакви за сите“ од Кочани и „КХАМ“ од Делчево го почнаа партнерскиот проект „Вклучување на социјално исклучените од Источна Македонија“ чија главна цел е градење капацитети за ублажување на проблемот со сиромаштијата и обезбедување храна за граѓаните во социјален ризик.

„Токму денешниот Светски ден против сиромаштијата го одбравме за почеток на нашите активности, при што една од приоритетните задачи ни е да го промовираме банкарството на храна, што како идеја се уште не развиена во нашиот регион. Во рамки на мрежата што е составена од 13 невладини организации сакаме да ја мапираме сиромаштијата во овој дел од државата за да видиме со колкав процент на сиромашни луѓе се соочуваме. Сметаме дека гладот може да се ублажи со оглед што околу 30 отсто од употребливата храна кај нас се фрла. Исто така, сакаме да го анимираме и бизнис секторот кој може да даде свој придонес во градењето и развивањето на концептот за банкарство на храна“, истакна Зекир Абдулов, извршен директор на НВО „КХАМ“.

Во проектот се опфатени граѓаните од општините Кочани, Чешиново-Облешево, Зрновци, Виница, Делчево и Берово, а на првиот ден од активностите беше обезбедена донација од прехранбени производи за лицата кои добиваат топол оброк во Народната кујна во Кочани, како и домашна посета на социјално загрозени семејства со донација од три компании.

Според Абдулов, во наредниот шестмесечен период треба да се постават основи за заживување на банкарството на храна, за да може потоа да се обезбедуваат барем минимални количини храна за семејтсвата во социјален ризик.

Проектот „Вклучување на социјално исклучените од Источна Македонија“ е финансиран од ЕУ преку ИПА програмата за граѓански организации и медиуми, а се реализира во соработка со Банката за храна на Македонија, Словенечката банка за храна – СИБАХЕ, Организацијата на жени од Струмица и Европската федерација на банки за храна – ФЕБА.

proekt-protiv-siromastija

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари