Заврши првиот круг од годинешното фудбалско првенство во Втората Фудбалска Лига – Исток, а до крајот на есенскиот дел преостануваат да се одиграат уште пет кола од вториот круг.

Пред почетокот на првенството менаџерскиот тим на „Осогово“ најавуваше дека целта е стабилизирање на екипата во Втората лига а кога ќе дојдат подобри времиња и влез во Првата лига. За жал од тие најави по деветте одиграни кола нема ништо, кочанчани се заковани за последното место на табелата речиси со никакви шанси во продолжението од првенството да изборат опстанок во лигата.

Можеби за се сé „виновни“ двата натпревари против „Победа“ од Прилеп, од кои првиот подготвителен што го добија со 6:0 и вториот одигран во рамките на 1/16 финалето од Фудбалскиот Куп на Македонија кој исто така „Осогово“ го доби со 1:0.

Токму по тие победи како да им влезе вода во ушите на сите структури во клубот, оптимизмот за високи достигнувања порасна значително, но дојде првото коло и „жетварите“ треснаа на земја, загубија на домашен терен од исто така дебитантот во лигата „Питу Гули“ со 1:3. По катастрофалниот старт наиде црна серија, пораз во Штип од Брегалница 0:5, пораз дома од „Тиквеш“ 0:1 и пораз во Пехчево од „Кит Го“ 0:1.

И како што обично бива во такви ситуации вината беше фрлена на тренерот и неговиот тренерскиот тим па дојде до смена на кормилото во „Осогово“, наместо Александар Андов доверба му се даде на Жанко Савов. И веднаш чудо, во дебитантскиот настап на Савов,„жетварите“ ја совладаа кој друг ако не кутрата „Победа“. И пак се случи она како и пред почетокот на првенството, надеж дека ќе има овој пат излез од опасната зона. Но едно било плановите и вербата во „добро“ скоцканиот состав а друга била реалноста, во следните четири кола четири порази на „Осогово“. Најпрвин пораз од „Беласица“ на гости па пораз од „Кожуф“ во Кочани, пораз на гости од „Плачковица“ и за крај пак пораз во Кочани од „Каменица Саса“. По новата серија од четири порази „Осогово“ според прикажаното заслужено се најде онаму каде и што е сега на последното место на табелата.

Веќе во Сабота започнува серијата од петте кола од вториот круг а според распоредот тешко дека „жолто-сините“ ќе се поместат барем еден чекор понапред.

Но тоа е реалноста со клубот со кого се најавуваше фудбалски бум во второлигашката конкуренција а се доби фудбалски нок-аут од кој тешко дека во некое блиско време клубот основан 1924 година ќе може да застане на здрави нозе.

С. Ивановски

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари