Почитувани сограѓани,

Во пресрет на грејната сезона, би сакале да Ве информираме дека Советот на Општина Кочани ја усвои одлуката за субвенционирање на семејствата кои ќе набават печки на пелети и инвертер-клими во периодот на траење на јавниот повик.

Тоа значи дека на секое домаќинство кое ги исполнува условите, а притоа поднесе документација за добивање на субвенции – ќе бидат исплатени 10 000 денари, средства обезбедени од буџетот на Општината.

За оваа намена, првично се предвидени 600 илјади денари, но доколку се пројави поголем интерес кај граѓаните, субвенционирањето ќе биде продолжено сè со цел да се обезбеди поквалитетен живот за граѓаните и да се намали загадувањето на воздухот кое настанува како резултат на загревањето на домаќинствата.

Предвидено е да субвенционирањето се врши по принципот „прв дојден прв услужен“, а јавниот повик се очекува да биде објавен по 11 ноември и да трае до 20 декември оваа година.

Целта на овој јавен повик е да се мотивираат граѓаните кои ги загреваат своите домови со печки што користат огревно дрво и други скапи нееколошки енергенти, да ги заменат со поефтини и поеколошки системи на затоплување.

Ова е уште еден од низата чекори кои локалната власт планира да ги превземе за да го подобри квалитетот на животот на граѓаните.

Зачувувањето и подобрувањето на животната средина е наш приоритет, а квалитетот на воздухот – наша обврска и затоа, ние – како партија на власт ќе ги искористиме сите можни начини и механизми со кои ќе гарантираме услови за почиста и поеколошка животна средина на граѓаните на Општина Кочани.

ОО СДСМ Кочани

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари