Кога еден текст од еден спортски настан ќе се започне со судењето значи нешто не било како што треба, нешто се случувало што е далеку од фудбалската игра. Денес во Кочани на дерби натпреварот помеѓу „Осогово“ и „Брегалница“ од Штип чиј ривалитет постои со децении не беа во преден план ниту играчите, ниту играта, ниту гледачите, главната улога ја имаше централната личност на натпреварот, главниот судија Дарко Стојчевски. Денес Стојчевски покажа како не треба да се дели фудбалската правда па затоа и фудбалот вештачки постои на овие простори.

Но да се вратиме на она што се случуваше на теренот.

Факт е дека гостите се поквалитетна екипа и со можеби најголем буџет во оваа лига, затоа и чуди фактот што денес тие добиваа помош од Стојчевски.

Не поминаа ниту триесетина секунди од натпреварот а „Брегалница“ можеше да поведе, но главен виновник што не беше постигнат погодок е домашниот голман Богдановски кој по силниот удар на Настевски со бравурозна интервенција ја одби топката во корнер. Гостите продолжија со нападите имаа неколку удари вон шеснаесетникот но ти завршуваа или покрај голот или во рацете на домашниот голман. Во тие моменти „жетварите“ покажаа голема борбеност, гинеа за секоја топка и колку толку му парираа на фаворитот. И тогаш кога почна играта на Штипјани да паѓа на сцена стапи Стојчевски кој едно театрално паѓање на гостински играч во казнетиот простор го окарактеризира како пенал. На ваквата одлука реагираа не само сите играчи на „Осогово“ туку и публиката. Ударот го изведе Наумов но неговиот удар заврши во левата греда. По кој знае кој пат правдата си го покажа вистинското лице.

И кога најмалку се очекуваше ерупција на стадионот, домаќините поведоа од речиси првата посериозна акција. По една нафрлена топка од десната страна гостинскиот играч Манев неспретно ја зафати со глава и таа заврши во мрежата на немоќниот Талески. „Брегалница“ по примениот гол пак почна да напаѓа. Во 43’ по една нафрлена топка од левата страна гостинскиот играч Мирчевски од 7-8 метри биеше со глава во десниот горен агол но Богдановски со бравурозна парада ја исфрли топката во корнер.

DSCN4651

Кога судијата отсвири крај на првиот дел при влез во соблекувалната гостинскиот играч Шишковски покажа недолично однесување па на полувремето заработи црвен картон.

Во второто полувреме штипјани иако со играч помалку ја имаа играта напаѓаа но нивните напади беа јалови што беше шанса за домаќините. Се чини дека натпреварот можеше да биде  решен во 49’ кога Паунов излезе сам пред голманот на „Брегалница“ но биеше силно во пречката. Казната стигна осум минути подоцна. По еден слободен удар од десната страна Ричков несмасно интервенираше, топката го погоди во главата и заврши зад грбот на домашниот голман. Четири минути подоцна натпреварот беше решен откако Наумов биеше од дваесетина метри Богдановски ја одби топката на која натрча Стојанов и од само неколку метри ја погоди празната мрежа.

По вториот погодок за гостите на сцена стапи судијата Стојчевски кој не дозволи никаква игра до крајот на натпреварот, бидејќи ја сецкаше играта што идеше во полза на штипските „сини“. Но и во таква игра „жетварите“ можеа да дојдат до бод но Манов иако излезе сам пред Талески биеше покрај голот.

Свирежите на објективната кочанска публика по последниот свиреж на Стојчевски јасно покажаа дека тој денес го навлече нивниот гнев.

С. Ивановски

DSCN4623

DSCN4708

DSCN4726

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари