По граѓанска иницијатива, граѓанското движење закажува голем протест под мотото „За чист воздух во Кочани“.

Протестот ќе се одржи на 09. Ноември (Сабота), а како што е најавено собирањето на граѓаните е закажано за во 11:00 часот во „Паркот на Револуцијата“ во Кочани од каде ќе се замине на блокада на двата влеза во Кочани, кај клучката за Подлог и на влезот во градот после „Превалец“.

Се повикуваат граѓаните да излезат во што помасовен број за да се престане со загадувањето на некогаш најчистиот град а денес еден од најзагадените.

Со чист воздух ќе се обезбеди подобра иднина за генерациите што доаѓаат, со чист воздух ќе се намали бројот на заболени од канцер или како што го нарекуваат тивката смрт, со чист воздух сите ќе имаме подобар живот за живеење.

Како што најавуваат од граѓанското движење тие јавно ќе протестираат да се престане со густите чадови кои излегуваат од оџаците на фабриките, да се престане со неконтролираното палење на стрништата, да се престане ложење со партали останати од текстилот, да се престане со комплетното загадување.

Барем сега оставете ги партиите на страна, придружете се сите на протестот.

С. Ивановски

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари