Идентично како што го започнаа, така и го завршија играчите на „Осогово“ есенскиот дел од првенството. Денес „Осогово“ загуби од за нијанса подобрата екипа на „Кит Го“ од која љубителите на фудбалот во Кочани повеќе очекуваа.

Натпреварот започна со иницијатива на гостите, но тоа беа јалови напади без речиси ниту една посериозна шанса за погодок. И тогаш во 30’ по една нафрлена топка од левата страна во мешаницата што се создаде во казнетиот простор на домаќините резултираше со гол за „Кит Го“ а стрелец беше Димовски. Играчите на „Осогово“ по примениот гол веднаш се стрчаа кон вториот помошник Николовски барајќи недозволена офсајд позиција, но протестите беа залудни и главниот судија Ивановски покажа на центарот. Дали беше офсајд или не ќе потврди видео снимката, но од нашата позиција се чинеше дека гостинскиот играч кој ја врати топката пред голот на Богдановски беше во недозволена позиција.

Со тој резултат се замина на одмор а за одбележување е дека домаќините за време на првото полувреме не упатија ниту еден удар директно во голот на Пехчевци.

Во 51’ минута гостите можеа да ја завршат работата, но од идеална шанса го погодија левиот дирек. Казната стигна три минути подоцна, кога Коцев биеше од преку триесетина метри, гостинскиот голман Пашовски како да го потцени ударот и сакаше со нога да ја смири топката но таа преку неговата нога заврши во мрежата.

По примениот гол гостите повторно почнаа да напаѓаат, но тоа беа напади без идеја се до последната минута кога по една вратена топка во казнетиот простор на „жетварите“ од левата страна Ступиќ остана сосема сам и од 5-6 метри биеше во празната мрежа.

Со овој пораз „Осогово“ се закова на дното без речиси никакви шанси да обезбеди опстанок во лигата.

Резултати од 13-тото коло:

„Осогово“ – „Кит Го“  1:2

„Брегалница“ – „Каменица Саса“  1:1

„Плачковица“ – „Победа“  0:0

„Питу Гули“ – „Тиквеш“  0:1

„Кожуф“ – „Беласица“  1:2

На едно коло до крајот на есенскиот дел од првенството лидер на табелата е екипата на „Беласица“ со 31 бод, пред „Брегалница“ со 28, „Тиквеш“ и „Кит Го“ 27, Кожуф 26, „Каменица Саса“ 17, „Плачковица“ 12, „Победа“ 8, „Осогово“ 6 и „Питу Гули“ 3 освоени бода.

Во последното есенско коло „Осогово“ и гостува на „Победа“.

С. Ивановски

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари