Во рамките на одбележувањето на „Ноември – месецот на машкото здравје“, Здружението за борба против сите видови рак „Борка – за секој нов ден“ и Комисијата за еднакви можности на жените и мажите од Кочани организираа едукативно предавање за ракот на простата.

„Доаѓаме во Кочани за промоција и подигнување на свесноста за машкото здравје. Ја продолжуваме нашата мисија, караванот е поддржан и од Министерството за здравство. Овој карцином е еден од најчестите кај мажите, затоа треба да се едуцираат граѓаните, да ги знаат симптомите и начинот на кој се прават прегледите“ рече Биба Додева, претседателка на „Борка“.

За ракот на простата говореа специјалистките по онкологија д-р Мери Пешевска и по радиологија д-р Драгана Могилевска-Груевска.

„Ракот и сите болести се излечиви ако навреме се откријат, затоа секој треба да води грижа за своето здравје и редовните прегледи и контроли се неизбежни. Медицината во денешно време е доста напредна, а засега статистиката не покажува подем на ракот на простата во нашата локална средина, но битно е дека меѓу населението се развива свеста за редовните прегледи“ истакна д-р Могилевска-Груевска.

Според д-р Мери Пешевска, скрининг-прегледите што треба да ги прават здравите мажи по педесеттата година од животот, се база на превенцијата, а откривањето на навремените промени, овозможува и лекувањето да е полесно и поедноставно.

PIC_7286

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари