Лошо го започнаа а катастрофално го завршија играчите на „Осогово“ есенскиот дел од првенството во Втора Фудбалска Лига – Исток. Ако во првото коло во Кочани „Питу Гули“ ги тушираше „жетварите“, денес во Прилеп „Победа“ си поигра со еден неамбициозен, безидеен и раштиман оркестар каков што целата есен личеше некогашната гордост на Кочани, „Осогово“.

По „седмицата“ во Кавадарци од не баш кој знае колку квалитетниот „Тиквеш“ денес од очајната преку целиот есенски дел во првенството „Победа“ кочанчани добија „петица“.

За вака слабата одиграна сезона во која настапија само 2-3 домашни играчи а другите од разни побуди беа избркани од клубот некој мора да ја понесе одговорност.

Но да се вратиме на денешниот натпревар. Кочанчани одиграа уште еден очајно слаб натпревар, го продолжија трендот на рушење на името клубот, име кое некои го градеа 95 години. Бледата „Победа“ денес дочека една „дезориентирана војска“, војска без водач и лидер на теренот, па си постигна двојно помалку голови колку што имаше дадено во изминатите 13 кола. „Победа“ денес му ги наплати сите сметки на „Осогово“ и тоа со камата па и резултатот е таков, каков што е 5:1 (3:1).

Дерби натпреварот во Кавадарци заслужено го добија Штипските сини, бидејќи по калливиот и очаен терен за игра го надиграа домаќинот и дојдоа до три бода кои и те како ќе им значат во пролетниот дел од првенството.

„Каменица Саса“ стигна до нови три бода на домашен терен. „Рударите“ иако стартуваа со подготовките на две седмици пред почетокот на првенството обезбедија добра зимница за една помирна пролет. Со добро менаџирање во клубот стигнаа до задоволителна бројка од 20 освоени бодови.

„Беласица“ која е есенски Шампион и „Кит Го“ кое со седум последователни победи се најде во самиот врв на табелата немаа тешка задача со денешните противници.

Резултати од 14-тото коло:

„Победа“ – „Осогово“  5:1

„Каменица Саса“ – „Кожуф“  3:1

„Кит Го“ – „Питу Гули“  3:1

„Беласица“ – „Плачковица“  4:2

„Тиквеш“ – „Брегалница“  0:2

Есенски Шампион е екипата на „Беласица“ со 34 бода, пред „Брегалница“ 31, „Кит Го“ 30, „Тиквеш“ 27, „Кожуф“ 26, „Каменица Саса“ 20, „Плачковица“ 12, „Победа“ 11, „Осогово“ 6 и „Питу Гули“ 3 освоени бода.

С. Ивановски

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари