По завршувањето на есенскиот дел од првенството во Втора Фудбалска Лига – Исток табелата ја зборува единствената вистина. Фудбалската гордост на Кочани „Осогово“ кое беше најавувано дека ќе биде хит во првенството во борбата за висок пласман на табелата, на крајот по одиграните 14 кола е многу далеку од хит, бидејќи со само освоени 6 бодови речиси е еден од сигурните патници за враќање во третолигашкото друштво.

Дека и во клубот се песимисти за некое подобро „утре“ во пролетниот дел од сезоната покажа вчерашното Соопштение кое беше лиферувано на веб страната на ГФК „Осогово“.

Колку и да се чита Соопштението многу нешта се нејасни.

Како прво се истакнува дека на состаноците кои биле „одржани“ помеѓу управата на клубот и навивачите било констатирано дека никој не е задоволен од постигнатите резултати од полусезоната во Втора лига – Исток па затоа и се решиле во јавноста да го објават Соопштението со цел за подобра иднина на ГФК „Осогово“.

За споредба само, на 04.11.2017 година работите не беа како сега. Тогаш, по третиот последователен пораз на „Осогово“ на домашен терен дел од сегашната управа на клубот со уште неколкумина симпатизери од навивачката група „Сејмени“ за време на натпреварот со „Тиквеш“ одигран во Кочани со серија навреди се нафрлија на тогашната управа и на играчите барајќи оставка од нивна страна, по што по завршување на натпреварот и управата и играчите на еден културен начин им го прифатија барањето најавија оставка, која по два дена како што приличи ја доставија до Градоначалникот.

Како второ, во Соопштението се истакнува дека како управа се во потрага по сериозен инвеститор, партнер или спонзор на клубот кој би се нафатил да го преземе раководењето на ГФК „Осогово“, кој би го подигнал новото на ефикасност, би го одржал нивото на професионализам и кој би извршил санирање и реконструкција на објектите кои би му се дале на користење се со цел клубот да функционирал непречено и да почнал да постигнува задоволителни резултати.

Како трето наведено во Соопштението,  ја преземаат одговорноста за сите случувања во последните две и пол години и наведуваат дека со минималната поддршка од локалната самоуправа и финансиската конструкција потпомогната од некои спонзори тие клубот можат да го водат до едно оддржливо ниво како просечен клуб, без долгови, но не и конкурентен за пласман во повисок ранг или посериозна професионална работа. Подвлекуваат дека сите раководни лица во клубот работат волонтерски а сите средства од буџетот на клубот биле наменети за потребите и плати на играчите како и одржување на теренот и стадионот.

За илустрација само, со толку уплати од правните и физичките лица во касата на Локалната самоуправа а според буџетите за 2018 и 2019 година на ГФК „Осогово“ за една натпреварувачка сезона во Трета лига и една во Втора лига му се доделени 3..020.000,00 денари (2018 – 1.270.000,00 денари и 2019 година – 1.750.000,00 денари) од кои за одржување на објектот потпаѓаат 900.000,00 денари (400.000,00 денари + 500.000,00 денари), малку или доволно, тие се средствата.

Во последниот дел од Соопштението набројувајќи ги сите инфраструктурни делови од стадионот, напомнуваат дека ќе ги доделат на заинтересираниот спонзор и дека доколку спонзорот е заинтересиран тие како управа ќе му се стават на располагање за понатамошна соработка.

Сегашната управа како раководно тело на ГФК „Осогово“ на која времено и е доделен стадионот на управување од страна на локалната самоуправа не е овластена истиот да го изнајмува на друг корисник без согласност на Локалната самоуправа.

Како и да е, според досегашната пракса слабите резултати се тие кои ја менуваат управата на клубот и Стручниот штаб. Така било, така треба и да продолжи.

Сепак, факт е дека ГФК „Осогово“ е на крстопат, но на која страна ќе се упати одговорните структури во општината се тие кои ќе треба да го дадат конечниот одговор.

С. Ивановски

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари