Со заминувањето за Виена (Австрија) „Кочанската навивачка 5-ка“ во низата присуство на трибините, на големи натпреварувања го додаде и шестото Европско првенство во ракомет.

Момчињата од „градот на оризот“ кои дванаесетта година по ред ги следат ракометарите и кошаркарите на големите првенства не можеа и годинава да му одолеат на предизвикот.

Илија, Бранко, Зоран, Гоше и Тоше се најдоа на трибините на „Штадхале“ арената во Виена и со своето бодрење допринесоа нашите ракометари да дојдат до првата победа на Европското ракометно првенство, тешко, но победа си е победа.
А својата мисија ја започнаа сега далечната 2009 година кога заминаа за Хрватска на Светското првенство во ракомет. Од тогаш па до денес присуствуваа ни повеќе, ни помалку, туку на точно 16 големи спортски манифестации.

Ракометните Светски првенства 2009, 2011, 2013, 2017 и 2019 година се зад нив, како и ракометните Европски првенства 2010, 2012, 2014, 2016, 2018. Ништо помалку значајно не е и нивното присуство на петте кошаркарски Европски Првенства.

Како што ни ветија пред заминувањето за Австрија тие нема овде да застанат, напротив, и следните големи спортски манифестации ќе ги следат, секако доколку се пласира која и да е наша репрезентација.

Иако во овие дванаесет години ги бодреа нашите ракометари и кошаркари на големите натпреварувања желба им е како што истакнаа Македонија да обезбеди пласман во баражот за следното Европско првенство во фудбал, на кое и тие ќе бидат присутни на трибините.

Па, напред момци, навивајте и за нас. Вие тоа го можете а ние тоа ќе знаеме да го цениме.

С. Ивановски

42

43

45

41

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари