По истекот на рокот за пријавување, в четврток, на 30 јануари 2020 година, ќе заседава Комисијата што одлучува за најуспешните во кочанскиот спорт за 2019 година.

На адреса на Општина Кочани, како организатор на оваа традиционална манифестација, пристигнати се осум пријави од осум спортски клубови. Пријавените конкурираат во четири од петте категории: најуспешен спортист на Кочани за 2019 година, млади спортски надежи, најуспешна екипа и тренер. За најдобар спортски работник нема пристигнати предлози, но во оваа категорија предлози можат да дадат и членовите на Комисијата.

Девет спортски имиња од пет клуба од Кочани ќе конкурираат за спортист на годината.

Осум екипи предложиле 14 кандидати за млади надежни спортисти, три екипи ќе се борат за признанието најуспешни во 2019 година, а за тренери има пет предлози.

По одлуката на Комисијата, ќе се договори и терминот за доделување на наградите, кој начелно е најавен за првата седмица од февруари.

Лани, за најуспешен спортист беше прогласен Тошо Антов од Планинарскиот спортски клуб „Осогово“, кој во 2018 година ги искачи врвовите Гранд Парадизо (4061 м) и Пунта Пенија (3343 м) во Италија, а титулата спортист на Кочани за 2017 г. ја понесе репрезентативецот, каратистот на „Кочани“, Љубомир Давитков, за екипно трето место на Балканското првенство во карате.

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари