Иако уште не е официјално започната кампањата за претстојните предвремени Парламентарни избори, партиите на големо го користа секој слободен простор и време за да ја извадат валканата облека на противникот на виделина.

Мерењето на мускулите сепак како да отиде предалеку. Во немоќта да го дотолчат својот противник сега почнаа во своите валкани игри да ги вплеткаат и медиумите.

Токму последната прес конференција на Претседателот на ОО на СДСМ – Кочани Гоце Серафимов и Реакцијата на Претседателот на ОК на ВМРО ДПМНЕ – Кочани Миле Лефков ја потврдуваат нашата претпоставка а тоа е дека и двајцата во своите обраќања ги вмешаа медиумите во нивното наддавање за тоа кој повеќе направил за земјата односно општината.

На прес-конференцијата на Претседателот на ОО на СДСМ – Кочани која ни беше доставена Серафимов сакајќи да ја анализира во негативна конотација изјавата на лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски непотребно во своето обраќање ги спомнува и медиумите, поточно оние истите кои ден пред тоа објавија дека иако во закажаниот термин биле на местото каде требало да добијат изјава од Мицкоски тоа не им било овозможено бидејќи тој неколку минути порано веќе на само еден медиум кој „поранил“! ја дал веќе изјавата.

Неколку часа по објавената прес конференција на ОО на СДСМ – Кочани стигна реакција од Претседателот на ОК на ВМРО ДПМНЕ – Кочани кој уште на почетокот ги става во преден план медиумите, поточно оние кои ден порано објавија дека не ја добиле изјавата од Мицкоски иако во закажаниот термин биле на закажаното место. По се изгледа Лефков за да заштити некого уште во првата реченица не ја кажа вистината.

Дали сме во право или не, може лесно тоа да се провери, нека се појде во единствениот медиум кој ја доби потребната изјава и нека се  погледне од колку часот почнала изјавата и кога истата завршила.

Но тоа е таа политика која со години ја спроведуваат големите партии, секогаш сакајќи да се оградат од вината која тие ја имаат направено, „топката“ ја префрлаат кај противникот, но по се изгледа сега освен противникот „топката“ се почесто ќе ја префрлаат и кај медиумите кои секогаш се трудот да известуваат за нивните настани.

С. Ивановски

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари