Изведувачот Заедничко вложување „ВИА инженеринг“ – Вевчани, „Дрво пром“ – Мородвис и „Промонтинг“ – Скопје е воведен во работите за изградба на новата детска градинка во Кочани.

Со претставниците од Министерството за труд и социјална политика, Општина Кочани и главниот надзор „Геинг“ од Скопје е извршен увид на градежната парцела и се утврдени законските обврски на сите вклучени во градењето на новиот објект.

На терен е констатирано дека земјиштето е уредено за почеток на градба, и во зависност од временските прилики, градежните работи ќе почнат наскоро.

Според стручните служби од Министерството за труд и социјална политика новата детска градинка ќе се гради по високи критериуми за животна средина, за што е вклучен надворешен соработник од консултантска компанија, кој и во текот на работата ќе го следи почитувањето на правилата за зачувување на животната средина од страна на изведувачот.

44

Новата детска градинка во Кочани ќе биде современ, компактен објект, проектиран според најсовремени стандарди – градинка од отворен тип со можност за поширока комуникација меѓу децата и за поттикнување на нивната креативност. Објектот ќе има најсовремена фотокаталитичка фасада која ќе дава ефект на 40 дрвца и ќе го прочистува воздухот во околината на градинката од смог и загадување.

При средбата со вклучените во градбата, градоначалникот Николчо Илијев го изрази задоволството што по две години административна работа и по 20-тина години од изградбата на последната, започнува да се гради нова детска градинка во Кочани.

Илијев додаде дека во наредниот период очекува Кочани да добие објект што ќе ги задоволи потребите и очекувањата на граѓаните.

Новата градинка во населбата Драчевик е во рамките на Проектот за подобрување на социјалните услуги кој се реализира од страна на Министерството за труд и социјална политика со финансиска поддршка од Светска банка, со цел да се зголемат капацитетите за сместување на деца од претшколска возраст.

Според договорот, за изградба на новата детска градинка се предвидени 16 месеци.

45

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари