Вчера, Кочанската противпожарна единица имаше рекордни 16 интервенции само за 12 часа. Од 10 до 22 ч. Единицата во полн состав непрекинато гасеше пожари на сите делови од Кочанско Поле.

„Гореше полето кај селата Прибачево, Мојанци, Грдовци, Чешиново, Оризари. Земјоделците не се откажуваат од нивните навики за спалување на стрништата, а вчерашниот ветар дополнително ја усложни состојбата, па Единицата со сите расположливи човечки и технички ресурси гасеше неколку пожари одеднаш. Само вчера изгореа 35 хектари, а оваа седмица околу 50 хектари земјоделски површини“ соопшти Благојчо Паунов, командир на Територијалната противпожарна единица – Кочани.

Во доцните вечерни часови огнот стигнал само на стотина метри од бензинската пумпа кај Чешиново. Пожарникарите со огромен напор спречиле катастрофа. На магистралниот пат, помеѓу Облешево и Чешиново, огнот се споил од двете страни на полето, па имало застој во сообраќајот и полициска интервенција. Од разбеснетиот пламен биле спасени и делови од оранжериите „Добра“.

Градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев ги повикува надлежните институции да ги преземат соодветните мерки и да побараат одговорност од сите што ги доведуваат во опасност безбедноста, здравјето и животот на жителите не само на Кочани, туку и на поширокиот регион.

Општина Кочани

2

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари