Штабот за заштита и спасување формиран со решение на Советот на Општина Кочани, во проширен состав, денеска одржа седница посветена на состојбата и примената на превентивните мерки за заштита од болеста КОВИД-19.

„Здравјето е поважно од економијата. Резултатите побргу ќе дојдат ако ги почитуваме мерките и ако се придржуваме кон препораките на Министерството за здравство и Светската здравствена организација. Сите совесно и одговорно да се однесуваме, да ги извршуваме работите коишто се неопходни за нормално живеење. Само со дисциплина и висока свест ќе се избориме против болеста“ порача градоначалникот Николчо Илијев, како одговорен на Кризниот штаб.

Во конструктивна дискусија, претставници на Центарот за јавно здравје, Полициската станица, Територијалната противпожарна единица – Кочани, Центарот за управување со кризи, Дирекција за заштита и спасување, Мобилниот сервис за домашна посета, службите за социјална заштита и за образование во Општина Кочани и од локалната Лекарска комора, Општинската организација на Црвениот крст, Комисијата за здравство при Советот на Општина Кочани, донесоа повеќе заклучоци.

– Во наредниот период полициските служби да ги контролираат влезовите во Кочани;

– МВР да обезбеди список на лицата кои допатувале во Кочани од високо и средноризичните земји;

– Градскиот пазар во четврток да се затвори сѐ додека траат мерките за заштита;

– Да се пријавува секое неодговорно однесување на рестораните и угостителските објекти и на сите други места каде што има можност за собирање на луѓето;

– Мобилниот сервис за домашна посета, во соработка со волонтери од Црвениот крст и од општинските служби за социјална и здравствена заштита, да продолжи со поддршката во набавката за храна и лекови за болните, старите и изнемоштените лица;

– Превозниците во јавниот превоз и таксистите да користат заштитни маски и ракавици и да вршат редовна дезинфекција на возилата;

– Да се избегнуваат одбележувања на празници и други прослави;

– КЈП „Водовод“ да продолжи со дезинфекција на улиците и на местата за одлагање на отпадот.

Беше заклучено раководителите на образовните институции да ги следат препораките од МОН и да ги упатат класните раководители за поголема соработка со учениците со посочување на линкови од Бирото за развој на образованието и МОН за онлајн учење; учениците да ги следат образовните емисии на трите програми на МТВ; раководителите на образовните институции да го стопираат фотографирањето за таблоа за учениците од завршните години од основното и средното образование.

Едногласен беше ставот на Кризниот штаб дека со координираност на институциите, смирено, совесно и одговорно однесување на секој поединец може да се спречат несаканите последици од болеста КОВИД-19.

PIC_1414

PIC_1409

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари